Песок

Песокот е природен зрнест материјал што се јавува како маса од ситни камчиња[1] од карпесто или минерално потекло. Составот на песокот во голема мера се разликува од место до место, зависно од релјефот и условите. Во нетропски брежни средени начест составен елемент е силициум диоксидот (SiO2), обично во облик на кварц.

Втор облик на песок по застапеност е калциум карбонатот, као на пример арагонит, создаден во текот на изминатите половина милијарда години претежно од разни живи суштества како што се коралите и школките. Ова е главниот вид на песок во подрачја каде доминирале гребенски екосистеми со милиони години, како што се Карибите.

Morocco Africa Flickr Rosino December 2005 84527213
Песочни дини во Мароко.

Состав

CoralPinkSandDunesSand
Портокалов песок од кварц со хематитна наслага, која му ја дава бојата.
PismoBeachSand
Песок со разнообразен состав на плажа во Калифорнија. Составен е претежно од кварц, рожнец, магматски камчиња и парченца од школки.
Rheinsand, Kieswerk Krieger, bei Rheinhausen
Песокот

Според гранулометријата што ја користат геолозите, зрната песок можат да имаат пречник од 0,0625 мм (116 мм) до 2 мм. За „зрно песок“ се смета сето она што е покрупно од чакал (2-64 мм), а поситно од мил (0,062-0,004 мм).

Стандардот ISO 14688 го дели песокот на ситен, среден и крупен, во опсег од 0,063 мм - 0,2 мм - 0,63 мм - 2.0 мм. Оваа класификација ја следи Крумбајновата Φ-скала, каде Φ = -log2D; D е пречникот на зрното во милиметри. Според оваа скала, вредноста на Φ се движи од −1 до +4, со поткатегории помеѓу целите броеви.

Sand under electron microscope
Песок под електронски микроскоп

Составот на песокот е различен на различни места. Покрај силициум диоксидот во облик на кварц, тропските и суптропските брегови се одликуваат со светлобели песоци, кои се составени од сронет варовник и може да содржи парченца од корали и школки, покрај други органски или органски изведени материјали, што значи дека образувањето на песокот може да зависи од живите колку и од неживите материи.[2] Споменикот на природата „Бели Песоци“ во Ново Мексико (САД) е познат по својата силна белина, поради тоа што е составен од гипс. Аркозата е песок или песочен камен со значителни примеси на фелдспат, добиени со абење или ерозија на блиските гранитни карпести изданоци. Некои песоци содржат магнетит, хлорит, глауконит и гипс. Песоците кои се богати со магнетит имаат темна до црна боја, а истото важи и за песоците добиени од вулкански базалт и опсидијан. Со карактеристична зелена боја се одликуваат хлоритно-глауконосните песоци со базалтно потекло (од лава), кои се богати со оливин. Многу видови песоци, особено оние во јужна Европа имаат кварцните кристали со примеси од железо и силна темножолта боја. Песочните наноси во некои подрачја содржат отпорни материјали, вклучувајќи и извесни драги камења.

Песокливи средини

Песокот се носи со ветерот и водата и налегнува во облик на плажи, дини, спрудови, насипи и слични образби. Во проточните средини како ситнокаменестите корита на реките и ледничките морени, песокот е присутен заедно со разни други поедри зрнести материјали. Постојат и реки чиишто корита имаа само песок, кога реката нема други покрупе материјал за разнесување. Во пустините се обликуваат дини бидејќи единствено песокот е доволно ситен за да се движи со ветерот, натрупувајќи се врз другите неподвижни релјефни елементи. Песокот се среќава и како составен дел од почвата.

Употреба на песокот

Sand sorting tower
Кула за двоење на песок во коп.
  • аквариуми: како дно наместо камчиња, и како неопходност кај оние со солена вода.
  • анимација во песок: изедбена ликовна уметност каде уметникот црта во песок.
  • бетон: песокот е главна состојка на оваа значајна градежна смеса.
  • вештачки гребени: песок ставен во вреќи од геоткаенини како основа за создавање на нов гребен.
  • експлоатација на земен гас: по еден од методите, земјиштето се расцепува со хидраулични направи и де потура округол песок за да ги држи процепите отворени
  • земјоделство: песокливите почви се најпогодни за растителни култури како лубеницата, праската и кикириките, како и за интензивно испаша.
  • леарство: на посебниот леарски песок му се додава вода или масло и од него се обликуваат калапи во кои се тура течен материјал за леење. Овој вид на песок е издржлив на висока температура и притисок, ги испушта гасовите, и има еднообразни мали зрнца и реагира на метали.
  • малтер: песокот се меша со цемент и, понекогаш вар.
  • молерисување и бојадисување: песокот се меша со бои за да се добие текстура на ѕидовите и таваните, како и за нелизгавост на подовите.
  • наполнети вреќи: песок во вреќи се користи како заштита од поплави и огнено оружје. Вреќите се носат празни онаму кајшто има потреба, и можат набрзина да се наполнат со локалниот песок.
  • одржување на плажите - кога водата и временските прилики го носат песокот и ги соголуваат бреговите.
  • патишта: песокот се фрла на патиштата за да се спречи лизгање на возилата кога ќе се јават голомразици.
  • пејзажно уредување: ритчиња и косини (на пр. кај терените за голф).
  • песочни замоци: обликувањето на замоци и други градби е популарна разонода на плажа.
  • пруги: железничарите ставаат песок на шините за да го подобрат фатот на тркалата.
  • стакло: песокот е главна состојка на стаклото.
  • филтрирање на водата: песокот се користи како филтер за пречистување и добивање на питка вода
  • цигли: се изработуваат со додавање на песок во глина и други материјали.
  • шмирлање и пескарење: зрна песок во разни големини се користат како абразив во чистењето, рамнењето и мазнењето на материјалите. Кај шмирглите, песокот има еднообразна големина и рамномерно се налепува на хартија.

Песокот како тема во уметноста и во популарната култура

Понекогаш, песокот се јавува како тема во дела од уметноста и популарната култура, како:

  • „Песокот и свети Петар“ (Пијесак и свети Петар) - српска народна приказна.[3]
  • „Загатката на песоците“ - книга на писателот Ерскин Чајлдерс.[4]
  • „Зборови на песокот“ - песна на францускиот поет Виктор Иго.[5]
  • „Песокот и пената“ - песна на либанскиот поет Халил Џубран.[6]
  • „Плажа песок сонце плажа“ - кус расказ на македонскиот писател Драган Георгиевски од 2013 година.[7]
  • Книга од песок“ - збирка раскази на аргентинскиот писател Хорхе Луис Борхес од 1975 година.[8]
  • „Збирка од песок“ - книга на италијанскиот писател Итало Калвино од 1984 година.[9]
  • „Тажен цвет во песокот“ - американски документарен филм за Џон Фанте.[10]

Поврзано

Наводи

  1. „песок“ - Дигитален речник на македонскиот јазик
  2. Во образувањето на песокот играат улога и морските треви - Susanscott.net, 1 март 2012 (англиски)
  3. Вук Караџић, Српске народне приповијетке. Београд: Лагуна и Вукова задужбина, 2017, стр. 368.
  4. Магор, Каталог 2015. Скопје, 2015, стр. 18.
  5. Viktor Igo, Pesme. Beograd: Rad, 1969, стр. 65-66.
  6. Arapska poezija. Beograd: Rad, 1977, стр. 95.
  7. Драган Георгиевски, Метаморфузија, Темплум, Скопје, 2013.
  8. Хорхе Луис Борхес, Книга од песок. Скопје: Бегемот, 2015.
  9. Лилјана Узуновиќ, „Читателот во земјата на романите или за нишката на Шехерезада“, во: Итало Калвино, Ако една зимска ноќ некој патник. Скопје: Магор, 2012, стр. 226.
  10. „Белешка за авторот и делото“, во: Џон Фанте, Прашај ја правта. Скопје: Темплум, 2008, стр. 248-249.

Надворешни врски

Јужен Океан

Јужен Океан, познати уште како Голем Јужен Океан, Антарктички Океан, Јужен Поларен Океан или Јужен Леден Океан, е океан што е раcположен северно од Антарктикот и јужно од 60° ЈГШ. Овој океан е четврти по голема со 20.327.000 км².

Јурмала

Јурмала е град во Латвија, оддалечен околу 25 километри западно од Рига. Јурмала е најголемо приморско летувалиште во Латвија и се наоѓа помеѓу Ришкиот залив и реката Лиелупе. Градот има 33 километарска плажа од бел песок, и население од 55,580 жители, што го прави петти најголем град во државата.

Додека Латвија била дел од Советскиот Сојуз, Јурмала билo омиленo летувалиште и туристичка дестинација на високите функционери од комунистичката партија, главно на Леонид Брежнев и Никита Хрушчов. И покрај тоа што има голем број на поволности како куќи на плажи и хотели, некои од нив се наоѓаат во лоша состојба. Јурмала останува туристичка атракција со долгите плажи наспроти Ришкиот залив и романтичните дрвени куќички во арт нуво стил.

Анче (Крани)

Анче е археолошки локалитет во преспанското село Крани. Локалитетот претставува рибарска населба од хеленистичко време. Се наоѓа на околу 500 m северно од автокампот на летувалиштето Крани,каде со опаѓањето на нивото на Преспанското Езеро, во 1989 година, на површина од околу 300 x 100 m се појавиле повеќе пунктови со остaтoци од објекти. Откриени се 25 простории градени од кршен камен во сувоѕидица, со дебелина од 70 cm и зачуван само еден дел од ѕидот. Со заштитните археолошки ископувања се истражени два хоризонта на живеење, од кои едниот е жолт песок - нанос, а вториот слој е песок и глина, сива боја, во кој има фрагменти од керамички садови. Дебелината на овој слој изнесува 10-20 cm. Поради појавата на вода не е можно понатаму да се следи. Другата група градби ја сочинуваат 12 кружни јами изградени од големи камени блокови, сувоѕидица. При ископувањето на овие јами не се нашло на културен слој. Наодите се чуваат во Музејската збирка во Ресен.

Белат

Белат е вид на доста топол и сув ветар кој дува во зима во јужниот дел на Арабијскиот полуостров. Трае во просек до три денови носи песок со себе.

Бисер

Бисерот има кристална структура и како и надворешниот дел од школката се состои од 80-92% од калциум карбонат. Почетната фаза во формирањето на бисерот е навлегувањето на зрно песок во внатрешноста на школката. Со цел да се заштити од туѓото тело, школката го обложува со мазна и тврда материја која се нарекува седеф и на тој начин спречува зрното песок да го гребе нејзиното меко тело. Најголемиот бисер на светот е тежок 6,37 kg и е проценет на повеќе од 30 милиони американски долари. Најден е на Филипините во 1934 година и е наречен „Лао-Цеа“. Школката која го направила припаѓа на видот Tridacna gigas.

Бразил на Олимписките игри

Бразил првпат учествува на Олимписките игри во 1920 година, и од тогаш се испраќани спортисти на сите Летни олимписки игри, освен на Олимпијадата во 1928 година. Исто така Бразил е учесник и на Зимските олимписки игри од 1992 година, иако досега ниеден бразилски спортист нема освоено награда на зимските спортови.

Бразилските спортисти освоиле вкупно 108 медаљи, вклучувајќи ги медаљите во одбојка, едрење и џудо. Најголем број медаљи имаат освоено на игрите од 2012 година, 17, а најголем број златни медаљи во 2004 година - 5. Еден бразислки спортист е награден и со медаљата Пјер де Кубертин.

Националниот олимписки комитет во Бразил е Бразилски олимписки комитет, формиран во 1914 година. Во 2009 година, Рио де Жанеиро е избран за град домаќин на Олимписките игри во 2016 година.

Галаксија

Галаксија или млечнина — гравитациски спој од ѕвездени системи, меѓуѕвездена прашина, плазма и темна материја. По големина, галаксиите можат да бидат од џуџиња со неколку стотини милиони (108) ѕвезди до џинови со по стотина милијарди (1014) ѕвезди кои кружат околу тежиштето. Поголемиот дел од галаксиите се протегаат и до повеќе од неколку илјадници светлосни години во пречник.

Просторот помеѓу галаксиите е исполнет со плазма која не достига поголема вискозност од еден атом на метар кубен. Проценето е дека во метагалаксијата (видливата вселена) постојат преку 2 билиони (1012) галаксии, кои заедно имаат повеќе ѕвезди отколку зрна песок на нашата планета.

Галаксиите содржат различен број на ѕвездени системи, јата ѕвезди и различни типови на меѓуѕвездени облаци. Помеѓу овие објекти има ретка меѓуѕвездна средина од гасови, прашина и космички зраци. Податоците од набљудувањата укажуваат дека супермасивните црни дупки може да постојат во средиштето на многу галаксии, иако ако не во сите. Се смета дека тие се главен двигател на активни галактички никулци кои се наоѓаат во јадрото на некои галаксии. Млечниот пат има барем еден таков објект.Историски гледано, галексиите се категоризираат според нивниот очигледен облик, што вообичаено се однесува на нивната видлива морфологија. Елиптичната галаксија е честа облик, која што има светлосен профил во вид на елипса. Спиралните галаксии имаат облик на диск со искривени краци составени од прав. Оние галаксии кои имаат неправилни или невообичаени облици се познати како неправилни галаксии и типично се последица од нарушувањата од гравитациското влечење на соседните галаксии. Таквите заемодејства меѓу галаксиите кои можат да доведат до спојување, понекогаш предизвикуваат значајно зголемување на образувањето на ѕвезди, што пак, води кон настанок на активни галаксии. Помалите галаксии кои немаат кохерентна структура се нарекуваат неправилни галаксии.Постојат повеќе од 170 (1,7 × 1011) милјарди галаксии во метагалаксијата. Повеќето се со пречник од 1000 до 100 000 парсеци и вообичаено се раздвоени меѓу себе со растојание од милиони парасеци (или мегапарасек). Меѓугалактичката средина (просторот меѓу галаксиите) е исполнет со редок гас со просечна густина која е помала од еден атом на кубен метар. Поголемиот број галаксии се организирани во хиерархија на здруженија познати како групи и јата, кои пак заедно образуваат големи суперјата. Во најголем размер овие здруженија генерално се организирани во нишки, кои се опкружени со огромна празнина.Најстарата и најоддалечената утврдена галаксија е GN-z11, откриена во март 2016 г. Се наоѓа на растојание од 32 милијарди светлосни години од Земјата, и видена е како што изгледала само 400 милиони години по Големата експлозија.

Грб на Бенин

Грбот на Бенин е повторно усвоен во 1990, кога бил заменет во 1975 година. На врвот на грбот се наоѓаат два рога исполнети со песок, а во долниот дел се наоѓа штит кој го држат два леопарда. Штитот е поделена на четири четвртини. Во горната лева страна се наоѓа замокот Сомба, а на горната десна страна бенинската ѕвезда, во долната десна страна има брод кој што го симболизира доаѓањето на европјаните и во долната лева страна има палма. Под штитот го има мотото на државата "Fraternite, Justice, Travail" (Братство, Правда, Работа).

Мелник

Мелник (бугарски: Мелник) — град во Општина Сандански, во Пиринска Македонија, денес Бугарија.

Местото се наоѓа во долината на реката Струма во наjзападните ридови на планината Пирин. Во минатото Мелник имал голем број на жители и бил административен центар и има големо историско значење, поради што до ден денес се смета за град иако има само 274 жители.

Денес градот е познат со неговите пирамиди од песок, како архитектонски резерват од доцниот среден век и од 18 и 19 век, со блискиот Роженски манастир, а исто и како центар на произведување и дегустирање на вино и туристичка дестинациjа.

Метеорски дожд

Метеорски дожд е небески настан во кој зрачењето на голем број метеори се набљудува од една точка на небото. Овие метеори се предизвикани од струите на вселенските остатоци наречени метеороиди, кои влегуваат во Земјината атмосфера со екстремно големи брзини на паралелни траектории.

Повеќето метеори се помали од зрно песок, така што скоро сите од нив ќе се распаднат и никогаш нема да ја погодат површината на Земјата. Интензивни или невообичаени метеорски дождови се познати како метеорски испади или метеорски бури кои можат да содржат повеќе од 1000 метеори на час.

Мртво Море

Мртво Море (Арапски: البحر الميت al-Bahr al-Mayyit , хебрејски: יָם הַ‏‏מֶּ‏‏לַ‏ח, Yām Ha-Melaḥ, „Морето на солта“ понекогаш и Солено Море) е солено езеро во Блискиот Исток, во кое се влива реката Јордан. Морето граничи со Израел, Западниот брег (на р. Јордан) и Јордан.

Езерото е расположено на 396 m под морското рамниште и има плоштина од околу 1020 km2. Солта во морето е застапена со околу 30%. Мртво море е околу 76 km на должина и 18 km на ширина, при што најдлабоката точка изнесува 400 m.

Езерото е разделено на два дела- северен, кој е и подлабок и јужен кој е поплиток (само 6 м), во која се наоѓаат и големите количини на сол, кои приликуваат на леденици. Во текот на летото температурите достигнуваат 50 степени по Целзиј и водите на реката Јордан и неколку помали потоци, оставајќи остатоци од глина, песок, камења од сол и гипс на дното на езерото. Во текот на влажните зими во Мртво Море се изливаат секојдневно над 6,5 милиони тона врнежи.

Мртво Море скоро нема растенија и животни. Само некои едноклеточни успеваат да преживеат во 6 пати посолените води на езерото спрема оние на океаните.

Одбојка

Одбојката е колективен спорт кој се игра на таков начин што две екипи од по 6 играчи, одвоени со висока мрежа, ја префрлуваат топката преку мрежата до противничката екипа. По сервирањето од страна на едната екипа, играчите од другата екипа имаат право до трипати да ја удрат топката пред да ја префрлат топката преку мрежата. Поен се добива кога топката ќе падне во полето на противничката екипа, ако противничката екипа не успее правилно да ја префрли топката назад во полето на нивниот противник или ако противничката екипа заработи фаул.

Се игра до добиени три сета при што во секој сет треба да се освојат 25 поени, освен во евентуалниот петти сет кога се игра до добиени 15 поени. При тоа, победничката екипа мора да има два поени разлика во однос на противничката екипа,при освојувањето на потребниот број поени за победа во тој сет. Во спротивен случај, сетот продолжува сè додека некоја од екипите не направи разлика од два поени.

Историјат на одбојката

Вилијам Г. Морган (1870-1942), роден во државата Њу Јорк, останал запишан во историјата како создавач на одбојката, којашто првично ја нарекол “Mintonette”. Морган дипломирал на колеџот Спрингфилд каде што се запознал со Џејмс Наисмит, којшто во 1891. година ја измислил кошарката. Една година по дипломирањето, отишол во Холиоки, Масачусетс, каде што добива место директор за физичко воспитување. Тоа место му овозможило директно влијание на вежбите за рекреација, т.е. развојот на спортот.

Неговото водство било одлично прифатено и неговите одделенија секојдневно се зголемувале. Сфатил дека би било добро да измисли некоја игра за рекреација со натпреварувачки карактер со што би ја направил збогатил својата програма уште повеќе и би ја направил поразновидна. Кошарката му се чинела како добар избор, но само за помладите ученици, бидејќи за оние постарите му требала некоја помалку насилна.

Во тоа време, Морган никако не можел да најде игра слична на одбојката, па ја создал од своите посебни методи на тренирање и рекреација. Опишувајќи ги своите први експерименти, Морган рекол: “Во потрага по соодветна игра, прво тенисот ми падна на памет, ама за него ни се потребни топчиња, рекети, мрежа и друга опрема, па се откажав, но идејата за мрежа ми чинеше погодна. Подигнавме мрежа на висина од 1,98 m, над главата на еден просечен маж. Ни требаше и топка. Прво ми падна на памет кошаркарската, но таа е преголема и претешка.’’

На крајот, Морган ја замолил фирмата A.G. Spalding & Bros да направи соодветна топка, што и било направено. Резултатот бил кожна топка со пречник од 65 cm и тежина од 300 g. Потоа, Морган, со уште двајца пријатели, ги пишува првите правила на одбојката.

Во почетокот на 1896 г., во Спрингфилд на YMCA Колеџот, била организирана конференција на која што се собрале сите директори за физичко воспитување на YMCA. На таа конференција, Морган за прв пат ја демонстрирал новосоздадената игра. Составил две екипи од по пет играчи којшто пред самата конференција одиграле “Мintonette’’. Морган им објаснил на присутните дека играта е предвидена за сала, но може да се игра и на отворено. Во играта можело да учествуваат неограничен број играчи,а главната цел била да се одржува топката во воздухот, над мрежата, од едната страна на другата.

Играта била одлично прифатена уште на самата конференција освен што името ѝ било променето во “одбојка“. Интересно е тоа што во текот на годините името не се менувало, освен што во 1952. година почнало да се пишува поинаку.

Морган работел на правилата на игра и во 1897. година бил издаден и првиот прирачник со главните податоци за играта и како додаток биле издадени и првите правила на одбојката.

Развој на одбојката во светот

Одбојката на почетокот се ширела низ САД во универзитетите за да во 1900. година се појави и во Канада, со што Канада станала првата странска земја во која почнало да се игра одбојка. Потоа, почнува да се шири на сите страни на светот: Филипини, Кина, Бурма (Мјанмар), Индија, Јапонија, Мексико, Европа, Африка... До 1913. година одбојката во Азија се развила толку многу што била вклучена во програмата на Далечно-Источните игри огранизирани во Манила. Важно е да се спомене дека во Азија одбојката долго време се играла со 16 играчи во поле со цел да се зголеми бројот на учесници.

Во Америка, веќе во 1916. година, овој спорт го играле 200 000 луѓе како на универзитетите, така и во училиштата. Играле и мажи и жени.

Во 1918. година, правилата биле сменети. Бројот на играши бил ограничен на шест и било договорено дека дозволениот број на одбивање на топката е три пати.

До 30-тите години на 19. век, одбојката била првенствено спорт за забава и рекреација, којшто во различни земји се играл по различни правила, па постоеле само неколку межународни турнири. Во главно се одржувале турнири на државно ниво, преку коишто одбојката станува сé поинтересен натпреварувачки спорт што бара сé повеќе психо-физичка сила. Во април, 1947. година е основана Меѓународната одбојкарска федерација FIVB во Париз со цел за промоција на овој спорт во светот, создавање заеднички правила на игра, организирање меѓународни турнири, односно сместување на одбојката во програмата на Олимписките игри. FIVB првенствено вклучувала 14 држави-членки, а денес вклучува 218 што ја прави најголем спортски сојуз на светот.

Во 1948. година во Рим било одржано првото Европско првенство во одбојка.

Во 1949. година во Прага било одржано првото Светско првенство во одбојка.

Во 1952. година во Москва било одржано првото Светско првенство за жени.

Во тој период се основаат националните одбојкарски федерации.

Во 1957. година одбојката била сместена во програмата на Олимписките игри, а прв пат била заиграна на Олимписките игри во 1964. година, во Токио.

Во 90-тите години на минатиот век расте популарноста и влијанието на одбојката на песок, верзија на одбојката којашто главно се игра на плажите на западните брегови на САД и Бразил. Растот на популарноста на оваа верзија кулминира со сместувањето на одбојката на песок во програмата на Олимписките игри во 1996. година.

Во текот на последната деценија, одбојката доживува сé поголем раст, а квалитетот и масовноста на меѓународните натпревари постојано расте.

Певчиња (Стење)

Певчиња познато и како Градиште или Варници е археолошки локалитет во преспанското село Стење. Локалитетот претставува населба и некропола од римско време. Се наоѓа на брегот на Преспанското Езеро, на околу 500 m југоисточно од селото, каде со експлоатацијата на песок од страна на градежните претпријатија биле откривани темели од објекти и гробови од големи камени плочи. Исти објекти се појавуваат и повнатре во езерото при опаѓањето на нивото на водата.

Самум

Самум е тип на ветар кој дува во пустините во Арабија и Северна Африка. Ова е сув, доста силен и врел ветар и најчесто со себе носи големи количини на песок и песочна прашина.

Скакаличко Езеро

Скакаличко Езеро е едно од 27-те природни леднички (глацијални) езера на Шар Планина. Сместено е на надморска височина од 2258 метри на самото подножје под врвот Скакало според кој се нарекува целиот околен предел и шарски гребен. Езерото има длабочина од околу 1.60 метри. Водата е проѕирна, бистра и беспрекорно чиста но доста студена. Дното на езерото е целосно составено од тиња и песок, па поради малата длабочина од далеку езерото изгледа и има бела боја заради што од местното албанско население се нарекува и Jezeri i Bardh (Бело Езеро). Веднаш над самото езеро има силен и студен извор, а од езерото истекува Скакаличка Река која е десна притока на Пена и се влева во нејзиното горно изворишно подрачје помеѓу пределите Бабасаница и Рафша над селото Бозовце.

ФИФА

Меѓународната фудбалска федерација (француски: Fédération Internationale de Football Association), попозната како ФИФА е меѓународен управен орган на светскиот фудбал. Нејзиното седиште се наоѓа во Цирих, Швајцарија. ФИФА е одговорна за организацијата и водењето на фудбалот на некои од најголемите светски турнири, како што е светското првенство, кое се одржува уште од 1930 година.

ФИФА има 209 членки, што е за 17 повеќе од ОН, четири повеќе од МОК, но три помалку од ИААФ.

Организацијата соработува со континенталните федерации кои го пратат и надгледуваат развојот на фудбалот во различни делови од светот. Шесте организации се:

Азиска фудбалска конфедерација (Asian Football Confederation - AFC) - Азија

Африканска фудбалска конфедерација (Confédération Africaine de Football - CAF) - Африка

КОНМЕБОЛ (CONMEBOL) - Јужна Америка

КОНКАКАФ (CONCACAF) - Северна Африка, Средна Америка и Карибите

Океанска Фудбалска Конфедерација (Oceania Football Confederation - OFC) - Океанија

УЕФА (UEFA) - ЕвропаПокрај останатото, ФИФА го организира следниве фудбалски турнири:

1.Светско првенство во фудбал

2.Фудбалски турнир на олимпијада

3.Светско првенство во фудбал за млади

4.Светско првенство во фудбал за помалди од 17 години

5.Светско првенство во фудбал за жени

6.Светско првенство во фудбал за жени помлади од 19 гофини

7.ФИФА Куп на Конфедерации

8.Светско клубско првенство во фудбал

9.Светско првенство во фудбал на песок

10.Светско првенство во футсалПокрај ова, ФИФА ја промовира и ја унапредува фудбалската игра, ги регулира трансферите помеѓу тимовите, доделува награда Најдобар играч на годината и објавува ранг листа на репрезентациите, на секој месец и на секои три месеци за жените.

Фудбалските правила, кои го определуваат начинот на игра ги раководи Интернационалниот одбор на фудбалски асоцијации (International Football Association Board - IFAB), кој го сочинуваат четири претставника на ФИФА и по еден претставник од Англија, Велс, Шкотска и Ирска. Произведувачот на игри EA Sports има лиценца за да издава игра, која го носи името на ФИФА, а тоа се најиграните фудбалски симулации низ светот. ФИФА организира и светско првенство во овој виртуелен фудбал.

Харматан

Харматан е тип на ветар кој дува во западна Африка. Ова е доста сув ветар од источен правец, кој дува за време на зимата и носи големи количини песок од пустината Сахара.

Шамал

Шамал е тип на ветар кој дува во Месопотамија. Се јавува од правец северозапад и дува преку Ирак и Кувајт носејќи големи количини на песок. За време на деновите е најсилен, а за време на ноќите му се смалува интензитетот.

Шергуј

Шергуј е тип на ветар кој дува во Северна Африка. Ова е доста сув и загушлив ветар. Дува од правец исток од Сахаре, преку Мароко. Повремено носи песок со себе.

На други јазици

This page is based on a Wikipedia article written by authors (here).
Text is available under the CC BY-SA 3.0 license; additional terms may apply.
Images, videos and audio are available under their respective licenses.