Латински јазик

Латинскиот јазик (Latīna, се изговара [laˈtiːna]) е стар индоевропски јазик кој се зборувал во Стариот Рим. Со римските освојувања јазикот се раширил низ целото Средоземје и голем дел од Европа. Постоел во два облика: класичен латински, за поезија и формална проза, и народен латински (вулгат), зборуван од народот. По падот на Римското Царство и подемот на Римокатоличката црква, латинскиот станал универзален црковен јазик и лингва франка на образованите Европејци.

Јазикот опстоил 2.200 години, па околу 1600-тите полека почнал да се губи. Меѓутоа народниот латински се одржал: се подвоил во неколку регионални дијалекти, кои до 800-тите станале предците на денешните романски јазици.

Латинскиот живее и во облик на црковен латински кој се зборува во Римокатоличката црква. Латински зборови и денес се користат во науката, академството и правото. класичниот латински, книжевен јазик на доцната република и раното царство, сѐ уште се учи во многу основни и средни училишта и факултети, често заедно со старогрчки во рамките на Класичните студии, иако од раниот XX век неговата улога е намалена. Латиницата заедно со нејзините современи варијанти е најупотребуваната азбука на светот.

Europa60AD
Говорното подрачје на латинскиот јазик во 60 г. н.е.

Историја

Duenos inscription
Дуеношки натпис, од VI век п.н.е., еден од најраните старолатински текстови

Латинскиот спаѓа во групата на италски јазици и неговата азбука се базира на староиталската азбука, која пак е изведена од грчкото писмо. Во IX или VIII век п.н.е. латинскиот бил донесен на Апенинскиот полуостров од латините кои се отселиле и се населиле во Лациум, околу реката Тибар, каде се развила римската цивилизација. Во тоа рано доба латинскиот потпаднал под влијание на индоевропскиот етрурски јазик од северна Италија.

Иако зачуваната римска книжевност речиси сосема се состои од класичен латински, фактичкиот зборуван јазик во Западното Римско Царство бил народниот латински, кој се разликувал од класичниот по граматика, вокабулар, и (подоцна) изговор.

Иако латинскиот останал правен и управен јазик на Римското Царство, старогрчкиот станал доминантен јазик на образованата елита, бидејќи голем дел од филозофските дела кои тие ги изучувале биле од грчки (обично атински) автори. Во источната половина на Римското Царство, кој потоа станал Византија по расцепот од Западното Римско Царство во 395 година, старогрчкиот го заменил латинскиот како правен и управен јазик, а веќе долго време бил и народен јазик (кај сите класи).

Правопис

За пишување на латинскиот јазик, римјаните ја измислиле латиницата, заснована на етрурската азбука, која пак самата се засновала на грчката. Латиницата денес живее во изменет облик во писмата на романските, келтските, словенските и германските јазици.

Старите Римјани не користеле знаци за интерпункција, меѓубуквен простор, или минускули (мали букви). Така, реченицата која оригинално се пишува:


PHILOSOPHIAESTARSVITAE;

во современо издание би била:

Philosophia est ars vitae;

а се преведува како:

Филозофијата е уметност на животот (или пак, уметност на живеењето).

Calligraphy.malmesbury.bible.arp
Латинскиот јазик извршил длабоки влијанија врз подоцнежните култури, како што може да се види по оваа латинска Библија од 1407

Оставнина

Ширењето на Римското Царство значело и ширење на латинскиот јазик ширум Европа, па, подоцна, народниот латински почнал да се дијалектизира, зависно од локацијата на разните говорници. Така, тој потоа прераснал во низа романски јазици, процес кој траел до IX век. Многу векови овие биле само усни јазици, додека за пишување сѐ уште се користел латинскиот.

На пример, латинскиот сѐ уште бил официјален јазик во Португалија во 1296 година, кога бил заменет со португалскиот. Многу од овие јазици - „чеда“, вклучувајќи го италијанскиот, францускиот, шпанскиот, португалскиот, романскиот, каталонскиот и ретороманскиот, доживеале подем, и разликите помеѓу нив со време станувале сѐ поголеми и поформални.

Од романските јазици, италијанскиот е најчист потомок на латинскиот во смисла на вокабулар,[3] иако сардинскиот е најконзервативен во смисла на фонологија.[4]

Во обид да се реконструира народниот латински, употребени се некои од разликите помеѓу класичниот латински и романските јазици. На пример, романските јазици имаат специфичен нагласок на извесни слогови, додека латинскиот ја имал оваа карактеристика, покрај специфичната самогласна должина. Кај италијанскиот и логудорскиот дијалект, покрај нагласок, постои специфична должина на согласките; во шпанскиот и португалскиот пак, постои само специфичен нагласок; додека во францускиот должината и нагласокот веќе не се јасни. Друга голема разлика помеѓу романските јазици и латинскиот е тоа што сите романски јазици, освен романскиот, ги имаат изгубено падежните наставки во скоро сите зборови, освен кај некои заменки. Романскиот пак, се одликува со директни падежи (номинатив/акузатив), и индиректни падежи (датив/генитив), и вокатив, но лингвистите сметаат дека ова е иновација на балканска иновација.

Многу организации денес користат латински слогани.

Граматика

Латинскиот е синтетички, флективен јазик: афикси (често наставки, кои обично содржат значење на повеќе од една граматичка категорија) се придодаваат на фиксен основи за изразување на род, број и падеж кај придавки, именки и заменки—процес наречен деклинација. Афиксите се придодаваат кон основите на глаголи, како и за назначување на лице, број, време, глаголски вид, глаголски начин и залог—процес наречен конјугација.

Именки

Во латинскиот постојат шест главни деклинации (падежи) на именките. Овие се од големо значење бидејќи ја одредуваат улогата која именката ја игра во реченицата, па така зборовниот ред во латинскиот не е така важен како кај други јазици. Во рамките на овие деклинации, зборовите во една реченица може да се преместуваат без значителна промена во смислата, но со ова го нагласуваме (подвлекуваме) тој дел од реченицата.

  1. Номинатив: кога именката е подмет.
  2. Генитив: кога именката е имател на подметот (на пр.: „коњот на човекот“, или „човековиот коњ“—во обата случаја, зборот човек би бил во генитив ако го преведеме на латински). Ова исто така го назначува материјалот од кое нешто поголемо е направено (на пр.: „група луѓе“; „ред причини“—луѓе и причини би биле во генитив). Некои именки се исто така генитивни со специјални глаголи.
  3. Датив: кога именката е индиректен предмет, кога се користи со специјални глаголи, со извесни предлози, и ако се користи како посредник, или како повикување на нешто.
  4. Акузатив: кога именката е директен предмет, со извесни предлози, или како предмет на индиректен исказ.
  5. Аблатив: кога именката искажува одделување или движење од извор, причина, агент или инструмент, или кога именката се користи како предмет на извесни предлози; прилошки.
  6. Вокатив: кога именката се користи за директно обраќање (обично на лице, но не секогаш).

Глаголи

Глаголите во латинскиот јазик обично се распознаваат по четирите главни коњугации—групи на зборови со слични флексивни форми. Првата коњугација се карактеризира со активните инфинитивни формки со наставката -āre, втората со активните инфинитиви -ēre, третата со инфинитивите со наставка -ere, а четвртата со активните инфинитиви со наставка -īre. Меѓутоа од овие правила има и исклучоци. Во латинскиот постојат шест општи времиња (сегашно, несвршено, идно, свршено, предминато, и идно свршено), четири глаголски начини (индикатив, инфинитив, заповеден и погодбен), шест лица (прво, второ и трето, секое во еднина и множина), два залога (актив и пасив), и неколку глаголски видови. Глаголите се опишуваат по четири основни форми:

  1. Првата основна форма е прво лице, еднина, сегашно време, и во индикативна начинска форма на глаголот.
  2. Втората основна форма е активната инфинитивна форма на глаголот.
  3. Третата основна форма е прво лице, еднина, свршено време, активна индикативна начинска форма на глаголот.
  4. Четвртата основна форма е супинската форма, или пак , партиципна форма, номинатив, еднина, свршено време, пасивна партиципна форма на глаголот. Четвртата основна форма може да прикаже или еден род од партиципот, или сите три рода (-us за машки, -a за женски и -um за среден). Може да биде и иден партицип кога тој глагол не може да се стави во пасива.

Поврзано

Латински јазик

Историски периоди

Белешки

  1. „Schools“. Britannica (1911).
  2. Opus Fundatum Latinitas е орган на Римокатоличката црква, и го регулира латинскиот јазик како официјален на Црквата и Светата Столица, и католичките свештеници ширум светот.
  3. Применети јазични решенија: Латински
  4. Странски јазици: Италијански, поконкретно, „Сардинскиот впрочем има задржано многу архаични карактеристики од латинскиот јазик кои исчезнале од италијанскиот, како тврдиот звук 'k' кај зборовите како chelu, каде италијанскиот има cielo.“

Наводи

  • Bennett, Charles E., Latin Grammar (Allyn and Bacon, Chicago, 1908)
  • N. Vincent: "Latin", in The Romance Languages, M. Harris and N. Vincent, eds., (Oxford Univ. Press. 1990), ISBN 0-19-520829-3
  • Waquet, Françoise, Latin, or the Empire of a Sign: From the Sixteenth to the Twentieth Centuries (Verso, 2003) ISBN 1-85984-402-2; translated from the French by John Howe.
  • Wheelock, Frederic, Latin: An Introduction (Collins, 6th ed., 2005) ISBN 0-06-078423-7
  • Frank Palmer. Grammar

Надворешни врски

Википедија
Издание на Википедија — слободната енциклопедија на латински јазик
Викикниги
Викикнигите имаат повеќе на оваа тема:
Алатив

Алативот е граматички падеж и е еден вид локатив кој се користи во неколку јазици. Поимот алатив, општо гледано, се користи за падежот латив со кој е сличен.

Византијци

Византијци или Pомеи ('Рωμαίοι'=Римјани) — биле гркојазичните поданици на Римското Царство, а подоцна и на Источното Римско Царство (средновековната Романиа), наречена постфактум од историчарите Византија, по името на градот Византион (Βυζάντιον), односно Цариград, кој станал престолнина на Римското Царство во 330 година. Латинскојазичното население како во римскиот запад, така и во римскиот исток било нарекувано Романи (Romani = Римјани) .

Mакар и релативно ретко во источноримските хроники пред 1453 година (падот на Цариград), под стилизираниот термин „Византијци“ (Βυζάντιοι) се подразбирале само и единствено жителите на Цариград. Жителите на тој град, сепак, се сметале себе си како Римјани, а не како „Византијци“, термин кој не бил актуелен во тогашната реалност. Терминот „Византијци“ може со полно право да се смета за неологизам, кој потекнува дури од 1557 година, односно се користи за прв пат од западната историографија еден век по падот на Цариград и негово освојување од Османлиите.

Терминот „Ромеи“ (во ред со „Романи“ на латински јазик, „Рум“ на персиски, арапски и турски јазик) всушност сам по себе се јавува како политоним, а не како етноним. По 212 година, етничкото потекло повеќе не било од суштинско значење за поданиците на Римското Царство Во секој случај постепени промени имало и до 330, кога Константин I го изградил Цариград или Константинопол како свој престолен град, а процесот на хеленизација, и христијанизација веќе бил во голем замав.

Во 395 година, римската држава била поделена на два дела: Западно Римско Царство, со седиште во Рим и Источно Римско Царство, со престолнина во Цариград. Тогаш била создадена и посебна црква на чело со епископ, а од 451 година со патријарх. Во 596 година патријархот на Цариградската патријаршија бил прогласен за вселенски. Грчкиот јазик бил прогласен за официјален јазик на исто ниво со латинскиот на почетокот на 7 век. На почетокот на 8 век, латинскиот јазик конечно бил изместен од грчкиот, како официјален. Сѐ до 1453, жителите на Византија себеси се сметале и се нарекувале како Ромеи, а јазикот што го зборувале - Ромејски ('Ῥωμαιϊκή') или „римјански јазик“.

Иако и поданици на царот, на пример Евреите и Муслиманите не влегувале во социјалната и правна структура на општеството, и не се нарекувале себеси како Ромеи, бидејќи тие не биле христијани. Исповедањето на Jудаизмот и Исламот не било забрането, но тие не можеле да ги уживаат сите права во една христијанска држава. Интересен бил правниот статус на Ерменците, Асирците и Коптите со нивните посебни Христијански цркви. Верските противречности акумулирани меѓу власта во Цариград и овие три народи, довеле до средновековен национализам и верска дискриминација.

Ромеите се идентификувале како нашенци, во смисла на опозиција на странци, како политички следбеници на Рим, на Апостолите и на културата од Хеленистичкиот период.

Википедија на латински јазик

Википедија на латински јазик е издание на Википедија на латински јазик.

Викицитат

Викицитат (англиски: Wikiquote) е збратимен проект на Википедија кој го користи истиот МедиаВики софтвер. Целта на проектот е да собере што е можно повеќе цитати од познати личности, книги, како и поговрки и да даде детали за истите.

Оригинално, проектот е направен на англиски, но од јули 2004, додадени се и нови јазици.

Грб на Андора

Грбот на Андора е официјален грб на државата кој е во употреба од 1969 година. Грбот е составен од штит каде се прикажани четири квадрати со хералдички прикази. Под него се наоѓа мотото на државата на латински јазик Virtus Unita Fortior. Истиот грб се наоѓа на знамето на Андора.

Италијански јазик

Италијанскиот јазик (la lingua italiana) кој припаѓа на романската јазична група (фамилија индоевропски јазици) го зборуваат околу 70 милиони луѓе, од кои најголемиот број живее во Италија, Сан Марино и јужна Швајцарија. Стандардниот италијански јазик е заснован на фирентинскиот дијалект и е нешто како среден јазик помеѓу јазиците на јужна Италија и галско-романските јазици на северот. Стариот тоскански стандарден јазик, во последните неколку децении, попримил влијанија од италијанскиот говор од Милано, економскиот центар на Италија. Италијанскиот е службен јазик во Италија и Сан Марино, као и во Швајцарските кантони Тичино и Гриџони. Италијанскиот заедно со латинскиот е втор службен јазик во Ватикан, заедно со словенечкиот е службен и во словенечките приморски општини Копер, Изола и Пиран, а исто така заедно со хрватскиот се користи и во Истра каде што живее италијанско малцинство. Мошне е раширен и меѓу потомците на иселениците во Луксембург, САД и Австралија. Исто така доста се употребува и на Малта, каде што бил еден од службените јазици а до 1934 година кога бил заменет со англискиот јазик. По малку се зборува и во бившите африкански колонии на Италија, како што се Сомалија, Либија и Еритреја.

Согласно податоците од 2000 година од истражувањето Italiano 2000 кое било промовирано од страна на Министерството за Надворешни работи на Италија и водено од лингвистот Тулио Де Мауро од Универзитетот “Ла Сапиенца” од Рим, италијанскиот јазик е петти по ред во светот кој се изучува во училиштата (по англискиот, францускиот, шпанскиот и германскиот).

Класичен латински јазик

Класичниот латински е облик на латинскиот јазик кој го користеле старите Римјани во класичната латинска книжевност. Се користел во текот на Златното доба на латинската книжевност —грубо земено I век п.н.е. и раниот I век н.е.—можеби протегајќи се и низ Сребреното доба—грубо, I и II век.

Она денес што се нарекува „класичен латински“ бил впрочем високостилизиеран и измазнет пишан книжевен јазик селективно составен од старолатинскиот, од кој пак се зачувани многу помалку дела. Класичниот латински е продуцкт на реконструкцијата на старолатинскиот во прототипот на атичкиот грчки. Класичниот латински се разликува од најраната латинска книжевност, како онаа на Катон Постариот, Плавт, и до некаде Лукрециј, на различни начини. Се разликувал од старолатинскиот по тоа што раните наставки -om и (номинативна еднина) -os од II деклинација се промениле во оние со -um и -us, а во лексиконот се случиле и извесни семантички промени (на пр., forte значело не само „изненадно“ туку и „тешко“).

Разговорниот латински кој го зборувал обичниот народ во Римското царство, особено од II век, па натаму, се нарекува вулгарен латински. Вулгарниот латински се разликувал од класичниот во лексиконот и граматиката, и како што минувало времето, почнал да се разликува и по изговор.

Минерал

Минерал (Латински јазик: Mineralis) - соединениe на два или повеќе елементи, а може да се јават и како поединечни елементи (злато, сулфур, бакар и др). Минералите ги проучува минералогијата.

Октавијан Август

Октавијан Август (латински:Gaius Iulius Caesar Octavianus Augustus) е првиот римски император. Роден е во 63 п.н.е. како Гај Октавијан, а подоцна бил познат како Гај Јулиј Цезар Октавијан. Со Римската империја управувал од 27 п.н.е. до 14 п.н.е. Во 43 п.н.е., заедно со Марк Антониј и Марк Емили создале политички сојуз, попознат како Втор триумвират. Неговата титула „август“ на латински јазик значи „возвишен“, во религиозна мисла на зборот. Подоцна, оваа титула ја носеле сите римски цареви кои го наследиле.

Уште додека бил жив, Октавијан Август го почитувале како божество, најпрвин во провинциите, а потоа и во Италија. Таа задача ја извршувале шестмина ослободени робови, секој по една година, кои можеле оваа служба да ја извршуваат повеќепати. По завршувањето на нивната служба, со решение на Сенатот, најпрвин на некои од нив, а подоцна на сите, доживотно им биле доделени почестите поврзани со оваа служба и така постепено во градовите се формирал посебен сталеж на т.н. шестмината Августовци. Подоцна, императорите наредувале тие шестмина да се избираат насекаде низ царството, со цел да го шират почитувањето на народот кон царот.Октавијан Август се смета за една од најважните личности во историјата на Римската империја. Тој создал нов облик на управување во внатрешноста на империјата, кое се задржало во следните триста години. Тој му ја вратил власта на римскиот Сенат, но во исто време ја зачувал својата автократска позиција. На тронот го наследил императорот Тибериј.

Октант (соѕвездие)

Октант — е слабосјајно соѕвездие на јужното небо. Името нам латински јазик гласи Octans и означува една осмина од кругот, но именувано е според октантот, вид на навигационен инструмент. Соѕвездието било осмислено од страна на Никола Луј де Лакај во XVIII век.

Октант е забележително соѕвездие бидејќи во истото е сместен јужниот небесен пол. За разлика од северниот пол тука нема светла поларна ѕвезда: Сигма Октант (σ Oct) е ѕвезда која може да се набљудува со голо око и е во непосредна близина на полот, но е со слаба сјајност со светлинска величина од 5,45 и поради тоа не нашла примена при одредување на насоката при навигација. Подобро соѕвездие за навигација било соѕвездието Јужен Крст, кое посочува кон полот.

Соѕвездието е циркумполарно на јужниот небесен пол, и затоа може да се забележи на небото на јужната полутопка во секое предвечерие во секој месец од годината. Ректасцензијата и месецот кога може најубаво да се види се одредува според трите најсјајни ѕвезди, кои се искачени највисоко на небото за време на на приквечеријата во месец ноември.

Папа Геласиј I

Папа Геласиј I (лат. Gelasius PP. I) (? - 21 ноември 496) бил римски папа од 492 до 21 ноември 496. Тој бил писател, претставник на раната средновековна литература на латински јазик. Влегол во конфликт со константинополскиот патријарх. Тој се борел против ереста.

Папа Дамасиј I

Папа Дамасиј I (лат.:Damasus I) (300 или 305 - 11 декември 384) бил римски папа од 1 октомври 366, па сѐ до својата смрт. Се родил во Лузитанија, во свештеничко семејство. Имено, Дамасиј му дал инструкции на Јероним Стридонски во започнувањето со преводот на библијата на латински јазик. Преводот се смета за најдобар на латински јазик и е познат како ''Вулгата''. Покрај тоа, тој е познат и по тоа што се занимавал во црковната борба против аријанството. Во негово време, спорот околу аријанизмот бил решен во полза на папската позиција. Папата ги отворил катакомбите кои биле затворени во времето на Диоклецијан.

Бил прогласен за светец, а неговиот празник во католичката црква се празнува на 11 декември.

Порто

Порто (португалски изговор: [ˈpoɾtu]; исто познат како Опорто во англискиот јазик) — втор најголем град во Португалија по Лисабон и еден од големите урбани области на Пиринејскиот полуостров. Урбаната област на Порто, која се претега преку административните граници на градот, има население од 1.4 милиони жители (2011) на површина од 389 км2, со што е втора најголема урбана област во Португалија. Метрополитенската област на Порто, пак, вклучува приближно 1.8 милиони жители.Со местоположба на устието на реката Дуеро на северот на Португалија, Порто е еден од најстарите европски градови, и историскиот центар на градот е прогласен за светско наследство на УНЕСКО од 1996 година. Западниот дел од урбаната област на градот се протега до крајбрежјето на Атлантскиот Океан. Населбата датира од пред многу векови, кога била бастион на Римското Царство. Комбинираното келтско-латинско име, Портус Кале, било наведено како потекло на името „Португалија“, врз основа на транслитерација и усна еволуција од латински јазик. На португалски јазик името на градот се пишува со одрреден член („о Порто“ што означува пристаништето).

Реторомански јазик

Ретороманскиот јазик е дел од подгрупата на реторомански јазици, дел од групата на романски јазици од индоевропското јазично семејство. Јазикот е потомок на народниот латински јазик кој се зборувал во Швајцарија за време на Римската Империја. Јазикот е сроден со францускиот, окситанскиот и ломбардскиот јазик, но и со сите останати романски јазици. Јазикот е еден од четирите национални јазици во Швајцарија, покрај германскиот, францускиот и италијанскиот.

Според пописот од 2000 година, во Швајцарија околу 35.095 луѓе го користеле јазикот како претпочитано средство за општење, од кои 27.038 жители во Граубиден. Околу 61.815 жители го користеле јазикот како разговорен. Околу 0.9% од населението на Швајцарија зборуваат реторомански.

Римска книжевност

Римската или латинската литература се развивала под влијание на хеленската и затоа нејзината вредност е двојна - таа не е само одраз на развитокот на римското робовладетелско општество, туку е и ризница во која се сочувани некои дела на хеленски научници и поети, чии оригинали се изгубени.

Римската литература може да се подели на неколку периоди: докласичен (до 80 год. п.н.е.), класичен (од 80 п.н.е. до 120 год.) и посткласичен период (од 120 год. до почетокот на VI век). Според ова, таа опфаќа цели осум векови. Римската литература настанува при крајот на Првата пунска војна и потоа се раширува, но сегогаш останувајќи единствена, сè до околу 600 година.

Романски јазици

Романските јазици, поретко именувани како латински, сочинуваат подгрупа на италските јазици од семејството на индоевропски јазици. Овие јазици настанале од народниот (вулгарен) латински јазик.

Романските јазици се развиле од латинскиот во периодот од шестиот до деветиот век. Денес има над 800 милиони говорници на романските јазици, воглавно во Европа и Америка, но и во останатиот дел од светот каде се зборуваат јазиците. Бидејќи е многу тешко да се одреди што е романски јазик а што романски дијалект, не е можно да се каже точниот број на романски јазици. Сепак, ако се земат во предвид стандардните јазици, тие се 25 на број. Сепак и овој број не ги опфаќа сите стандарди бидејќи има романски јазици кои се изумрени. Така, порталот за јазици Ethnologue, дава дека има 47 романски јазици.

Според податоците за 2007 година, најголем романски јазик е шпанскиот со 385 милиони говорници, а потоа следат португалскиот со 210 милиони, францускиот со 75 милиони, италијанскиот со 60 милиони и романскиот со 23 милиони. Голем број од овие јазици имаат говорници на кои јазикот не им е мајчин, особено за францускиот јазик бидејќи тој е официјален и национален во голем број африкански држави.

Теми за Стариот Рим
Ери
Устав
Влада
Магистрати
Право
Војска
Економија
Технологија
Култура
Општество
Јазик
Писатели
Поголеми градови
Списоци и други
теми

На други јазици

This page is based on a Wikipedia article written by authors (here).
Text is available under the CC BY-SA 3.0 license; additional terms may apply.
Images, videos and audio are available under their respective licenses.