Канада

Канада (анг. и фр. Canada) — федеративна држава во Северна Америка составена од 10 покраини и 3 територии. Канада е парламентарна демократија и уставна монархија на Кралицата Елизабета II во рамките на Комонвелтот. По површина, таа е втора земја во светот.

Главен град е Отава (45.41° СГШ 75.66° ЗГД), а најголем е Торонто (43.6° СГШ 79.35° ЗГД) со 5.113.149 жители во областа на градот.[5]. Името Канада доаѓа од зборот каната на индијанците Ирокези околу реката Сент Лоренс кој означувал село или населба. Жак Картие во 1535. год. почнал да го користи тој збор за да ја означи целата територија на Ирокезите. Подоцна, во време на британските колонии од 1841., името Канада се однесувало на две покраини: Горна Канада - околу Големите Езера и Долна Канада околу реката Сент Лоренс. Со Уставниот Акт од 1867, името Канада било прифатено како име на целата држава.

Според многу показатели, како што се Степенот на човеков развој на ОН[1], Индексот на глобализација[2], Квалитетот на живот [3], Одржливоста на животната средина[4], Економските слободи[5] и др., Канада е меѓу најдобрите земји во светот. Во Канада живеат голем број македонски иселеници и нивни потомци.

Канада
Canada
Знаме на Канада Грб на Канада
Знаме Грб
ГеслоA Mari Usque Ad Mare  (латински)
„Од море до море“
Химна„О Канада“
Кралска химна: Боже чувај ја кралицата
Местоположба на Канада
Главен градОтава
45°24′N 75°40′W / 45.400° СГШ; 75.667° ЗГД
Најголем град Торонто
Службен јазик Англиски, Француски
Признаени регионални јазици инуктитут, инуинактун, кри, чипевјански, гвичински, инувиалуктун, слејвиски, кучешкобочен
Демоним Канаѓанец
Уредување Парламентарна демократија и уставна монархија
 •  Монарх Н.В. Кралица Елизабета II
 •  Генерален гувернер Дејвид Лојд Џонстон
 •  Премиер Џастин Тридо
Основање
 •  Британска одредба за Северна Америка 1 јули 1867 
 •  Вестминстерски статут 11 декември 1931 
 •  Канадска одредба 17 април 1982 
Површина
 •  Вкупна 9,984,670 км2 (2ра)
 •  Вода (%) 8,92 (891.163 km²/344.080 mi²)
Население
 •  проценка за 2019 г. 33,242,000 (36та)
 •  Попис 2006 31.612.897 
 •  Густина 3,2 жит/км2 (219та)
БДП (ПКМ) проценка за 2007 г.
 •  Вкупен $1.274 трилиони[1] (13та)
 •  По жител $38.200[1] (21ва)
БДП (номинален) проценка за 2007 г.
 •  Вкупно $1,406 трилиони [1] (9та)
 •  По жител $42.738 (14та)
Џиниев коеф. (2012)31.6[2]
среден · 20та[3]
ИЧР (2013) 0.902[4]
многу висок · 8ма
Валута Канадски долар ($) (CAD)
Часовен појас (UTC−3.5 до −8)
 •  (ЛСВ)  (UTC−2.5 до −7)
НДД .ca
Повик. бр. 1

Историја

Домородни народи

Разни групи на ескимски и индијански народи ја населувале Северна Америка уште од предисторијата. Иако не постојат писмени докази, разни форми на камена уметност, петроглифи и антички артефакти даваат информации за илјадници години историја. Археолошките наоди потврдуваат човечки живеалишта во Јукон уште од пред 26.500 години, а во јужно Онтарио од пред 9.500 години[6][7].

Европска колонизација

Првите Европски доселеници се Викинзите, кои околу 1000-та година се населуваат на брегот на Атлантикот, во областа денес позната како Ланс о Медоу (фр. L'Anse aux Meadows), но нема писмени докази. Следната посета од Европјаните е во 1497., кога истражувачката експедиција на Џон Кебот од Кралството Англија пловела покрај Атлантскиот брег на Канада[8] и Жак Картие во 1534. од Франција[9]. По нив, повремено до истиот брег допловувале рибари и китоловци од Баскија во текот на целиот 16. век.

Францускиот истражувач Самуел де Шамплејн ги основал првите постојани населби на Европејците во Порт Ројал (денес Нова Шкотска) 1605. и во Квебек Сити во 1608. Постепено биле населувани атлантското крајбрежје, устието на реката Сент Лоренс, областите на Големите езера и заливот Хадсон на крајниот север.

Кралството Англија основало рибарски станици во Њуфаундленд и Лабрадор околу 1610 и ги колонизирале 13-те колонии на југ. Низа од четири војни избила помеѓу Англија, Франција и домородните Индијанци помеѓу 1689 и 1763. Нова Шкотска потпаднала под Британска власт со Договорот од Утрехт во 1713, а Договорот од Париз од 1763 и' ја препуштил Канада на Британија по седумгодишната војна.

Кралската повелба од 1763 на Кралот Џорџ III од Велика Британија ја издвоила покраината Квебек надвор од Нова Франција и го придодала островот Кап Бретон на Нова Шкотска. Исто така ги ограничила јазичните и верските права на француските граѓани. Во 1769. год. островот Св. Јован (денешен остров Принц Едвард) станал издвоена колонија. Во Квебек, за да се одбегне конфликт, територијата била проширена до Големите езера и до долината на Охајо, и бил повторно воведен Францускиот јазик, католичката вера и француските граѓански закони. Со договорот од Париз од 1783. била признаена независноста на САД и им биле отстапени териториите јужно од Големите езера и реката Сент Лоренс. Многу Британски лојалисти, по ова, пребегнале од САД во Канада[10].

Њу Бранзвик бил издвоен од Нова Шкотска како дел од реорганизацијата на населбите на лојалистите во приморските области. За да се прифатат лојалистите во Квебек, Уставниот закон од 1791. ја поделил покраината на франкофонска (Долна Канада) и англофонска (Горна Канада), давајќи и' на секоја од нив и право да формира законодавно собрание.

Канада била главен фронт во војната од 1812 помеѓу Британската Империја и САД. Нејзината одбрана придонела за чувство на единство помеѓу канадските британци.

Од 1815. започнува масовна емиграција во Канада од Британци и Ирци. Дрвната индустрија дури и ја надминува трговијата со крзно како главна дејност во раните 1800-ти.

Потребата од одговорна власт резултирала во вооружени востанија во текот на 1837. и 1838. во знак на незадоволство од политичките реформи и етнички конфликти. Како резултат на тоа, Актот за обединување од 1840. ги обединил Горна и Долна Канада во Обединета Покраина Канада. Француските и англиските канаѓани работеле заедно во собранието за да ги воспостават правата на Французите. Репрезентативна власт била воспоставена во сите британски северноамерикански покраини до 1849.

Во 1846. год. граничниот спор со САД бил разрешен и границата била воспоставена по 49. паралела западно од Големите езера. Со тоа се овозможило понатамошно колонизирање на западните покраини и основањето на колониите Британска Колумбија 1849. и Ванкувер 1858.

Конфедерација и проширување на територијата

После низа уставни конференции, Уставниот акт од 1867., наречен Британски Северноамерикански Акт, ја основал Канадската конфедерација, создавајќи еден доминион под името Канада на 1 јули 1867. со четири покраини: Онтарио, Квебек, Нова Шкотска и Њу Бранзвик[11]. Во 1870. год. од Рупертовата Земја и Северозападните земји, биле основани Северозападните Територии и покраината Манитоба. Во 1871 била придодадена покраината Британска Колумбија, а во 1873 и островот Принц Едвард.

Воспоставувањето на државен и политички систем одиграло важна улога во развојот на Канада во поглед на колонизацијата, развојот на индустријата, земјоделството и сообраќајот.

Современа историја

Канада автоматски влегла во Првата светска војна во 1914. со влегувањето во војна на Британија. Канада испраќала војници на западниот фронт, кои одиграле важна улога во текот на војната.

Во 1919. Канада се придружила самостојно (независно од Британија) на Лигата на Народите; во Вестминстерскиот статут 1931 - Акт на Парламентот на Велика Британија - ја потврдил независноста на Канада.

Големата криза од 1929 и' донела економски тешкотии на цела Канада.

Канада и' објавила војна на фашистичка Германија три дена по објавата на В.Британија во декември 1939. Канадските војски играле значајни улоги во борбите во Атлантикот, во инвазијата на Италија, Десантот на Бретања (Ди-деј), битката за Нормандија, ослободувањето на Холандија и други операции. Во тој период, економијата цутела како резултат на воените набавки за Канада, Британија, Кина и Советскиот Сојуз. Втората Светска Војна Канада ја завршила со една од најголемите армии во светот[12].

Во 1949. Њуфаундленд и Лабрадор се придружиле на Канадската Конфедерација како 10-та покраина. Повоениот просперитет резултирал со зголемен наталитет (бејби-бум) и зголемена имиграција од разурнатите европски земји[13].

Новиот Канадски идентитет почнал да се развива во текот на 20. век. Канада го усвоила своето ново знаме во 1965. Во 1982. год. е донесена Повелбата за правата и слободите на граѓаните како проширување на уставниот систем на Канада.

Движењата за поголем социјален и економски просперитет коишто започнале уште од 1960-тите, резултирале со влегување на франкофонските националисти во парламентот во 1976. год. Референдумот за независност на Квебек од 1980-та бил отфрлен со големо мнозинство, а вториот референдум од 1995. бил отфрлен со тесна разлика од 50,6% : 49,4%[14].

Во текот на 1980-тите, под премиерот Брајан Малруни, Канада се приближила кон САД во економските и политичките односи. Бил потпишан договорот за слободна трговија со САД, подоцна и со Мексико (познат како НАФТА - северноамерикански договор за слободна трговија).

Во целиот период на доселување, од 16. до 19. век, главни дејности биле најнапред рибарството, подоцна ловот и крзното, потоа експлоатацијата на дрво, подоцна рударството (нпр. златни трески) и на крајот земјоделството.

Географија и клима

Canada-satellite
Сателитска снимка на Канада. На десниот горен дел од сликата, областите под мраз се Гренланд (Данска) и Исланд.

Канада зафаќа поголем дел од Северна Америка, и се граничи со САД на југ и со Американската држава Алјаска на северозапад. Се протега од Атлантскиот океан до Пацификот на запад, на север е Арктичкиот океан. По вкупна површина (вклучувајќи ги и реките и езерата), Канада е втора во светот, по Русија. По земни површини е четврта, по Русија, Кина и САД[15].

Од 1925. год. Канада ги присоединила и деловите од Арктикот помеѓу 60° и 141° западна ширина, но ова не е општо признаено. Најсеверната населба во Канада и во светот е станицата на Канадските вооружени сили на северниот крај од островот Елсмир на 82,5° северна ширина, само 817км јужно од Северниот Пол. Канада ја има најдолгата крајбрежна линија на светот: околу 243 000км[16].

Канада е една од најбогатите земји со природни ресурси: земен гас, езера, реки и разни минерали[17][18].

Во источниот дел, реката Сент Лоренс се проширува во заливот Сент Лоренс, најголем влив во светот, кој го содржи островот Њуфаундленд. Јужно од заливот, приморските покраини се протегаат по должината на Апалачките Планини. Нова Шкотска и Њу Брасвик се разделени со заливот Фанди, кој ги има најголемите варијации на прилив и одлив во светот. Онтарио и Хадсон Беј доминираат со централна Канада, а западно се шират рамничарските канадски прерии, сè до Карпестите Планини кои ги делат од Британска Колумбија. Највисока планина во земјата е Логан (5.959 м)

Во западна Канада, реката Мекензи тече на север до Арктичкиот океан. Реката Јужна Нахани ги создава водопадите Вирџинија во Северозападните територии, кои се двојно повисоки од Нијагарините водопади во Онтарио.

Во северниот дел на Канада, вегетацијата од столетни четинарски шуми опаѓа се' до ниска тундра кон север. Северното канадско копно е обиколено со огромен архипелаг, кој ги содржи некои од најголемите острови на светот.

Просечните зимски и летни максимални температури во Канада варираат зависно од локацијата. Зимите се сурови во многу региони, особено во внатрешноста и прериските покраини (Манитоба, Саскачеван и Алберта), кајшто дневните темератури се просечно -15 °C, но може да се спуштат и под -40 °C[19].

Во континенталните региони, снегот може да се задржи и по 6 месеци, дури и повеќе отколку на северот. Крајбрежјето на Британска Колумбија е исклучок и ужива умерена клима со благи и дождливи зими.

На источното и западното крајбрежје, просечните максимални летни температури се 20-25 °C, додека во континенталниот дел се од 25-30 °C, со ретки екстремни температури на некои места до 40 °C[20][21][22].

Население

Според пописот од 2006., во Канада има 31.612.897 жители, што е зголемување од 5,4% од 2001[23]. Растот на населението е од имиграцијата и, во помала мерка, од природен прираст. Околу 3/4 од населението живее во појасот од 150км од границата со САД[24], веројатно поради климатските прилики. Исто така, огромното мнозинство од населението живее на појасот Квебек сити - Виндзор, кој ги опфаќа Монтреал, Отава и Торонто, потоа во појасот Едмонтон-Калгари во Алберта и во Ванкувер, Британска Колумбија[25].

Според пописот од 2001., Канада има 34 етнички групи со по најмалку 100.000 припадници, и 83% од населението се сметаат за белци[26].

Wawadit'la(Mungo Martin House) a Kwakwaka'wakw big house
Тотем на племето Кваквакавак во Викторија, Британска Колумбија.

Најголемата етничка група се Англичаните (20,2%), потоа Французите (15,8%), Шкотите (14%), Ирците (12,9%), Германците (9,3%), Италијанците (4,3%), Кинезите (3,7%), Украинците (3,6%) и индијанците (3,4%). 40% се идентификувале како етнички Канаѓани[27]. Во 2001. 49% од населението во Ванкувер и 42,8% од населението во Торонто припаѓале на „видливите малцинства“ (индуси, кинези, црнци, арапи, индијанци и сл.). Во 2005. Статистичкиот завод на Канада проектирал дека луѓето со неевропско потекло ќе бидат мнозинство во овие два града до 2012[28]. Истражување објавено во 2007. открива дека скоро 1 од 5 канаѓани е роден во странство, односно имигрант[29]. Скоро 60% од новите имигранти доаѓаат од Азија[30].

Канада има највисока имиграција по глава на жител во светот[31], која е резултат на економската политика на државата. Секоја година се доселуваат 220.000-260.000 лица.[32] Во 2001., 250.640 луѓе се доселиле во Канада, или 0,834% од вкупното население. Новодојденците главно се населуваат во големите градови: Торонто, Ванкувер и Монтреал.

Верскиот плурализам е исто така важен дел од канадската политичка култура. Според пописот од 2001., 77,1% се христијани, од кои католици 43,6%, а потоа следат протестантите. Околу 16,5% немаат верска припадност, околу 1,9% се муслимани, јудаисти се околу 1,1%.

Канадските покраини и територии се одговорни за образованието. Сите системи се слични. Писменоста кај возрасните надминува 99%. Високото образование е исто така грижа на покраинските власти, кои обезбедуваат и финансирање; федералната власт обезбедува само дополнителни дотации за истражувања, студентски кредити и стипендии. Во 2002., 43% од Канаѓаните помеѓу 25 и 64 години имале вишо или високо образование, а кај оние од 25-34 години стапката била 51%[33].

Густината на населението е меѓу најниските во светот: само 3,5 жители на квадратен километар[34]

Јазик

Old Port of Montreal (French- Vieux-Port de Montréal)
Населението на Монтреал, Квебек е главно франкофонско, со значајно англофонско малцинство.

Двата официјални јазици на Канада се Англискиот и Франускиот. Двојазичноста во Канада е законски загарантирана со Повелбата за правата и слободите. Двата јазици се рамноправни во федералните судови, парламентот и во сите федерални установи.

Англискиот е мајчин јазик на 59,7% а францускиот на 23,2% од населението[35]. 98,5% од канаѓаните зборуваат англиски или француски. Иако 85% од франкофоните живеат во Квебек, постојат значајни франкофонски популации во Онтарио, Алберта, Манитоба и во атлантските покраини.

Неколку индијански јазици исто така имаат официјален статус во Северозападните територии. Инуктитут е мнозински јазик во Нунавут и еден од трите официјални јазици во територијата.

Неофицијалните јазици се исто така важни во Канада, бидејќи 5 202 245 граѓани се изјасниле дека некој од нив им е прв јазик[35] Некои позначајни неофицијални јазици се кинескиот (853 745 корисници), италијанскиот (469 485), германскиот (438 080), и пенџапскиот (271 220).[35]

Политичко уредување

Canada Parliament2
Федералниот парламент во Отава.

Канада е уставна монархија со кралицата Елизабета II, кралицата на Канада, како шеф на државата. Кралицата на Канада е истовремено и кралица на останатите 15 земји од Комонвелтот, што ја става Канада во единство со тие држави преку личниот сојуз на кралицата.

Канада е федерација и парламентарна демократија со силни демократски традиции.

Уставот на Канада се состои од пишан текст и непишани традиции и конвенции[36]. Уставниот акт од 1867 го воспоставил управувањето врз основа на парламентот, слично на она во Велика Британија, и ја поделил власта помеѓу федералната и покраинските влади. Уставниот Акт од 1982 ја додал Повелбата за правата и слободите, која ги гарантира основните права и слободи за Канаѓаните кои генерално не можат да бидат премавнати со закони од било кое ниво на власт во Канада.

Кралицата е претставена преку Генералниот гувернер, кој е овластен да ги остварува речиси сите уставни права на монархијата. Во пракса, единствено тело кое ги врши извршните функции е Кабинетот на Премиерот.

Премиерот го избира мнозинството во парламентот, а го назначува Гувернерот.

Парламентот е дводомен: избрани претставници во долниот дом и назначени претставници во Сенатот. Секој член на долниот дом е избран од мнозинството во неговата изборна единица (мнозински изборен систем). Изборите ги свикува Гувернерот, по совет на Премиерот. Максималниот рок за изборите е 5 години. Членовите на Сенатот ги избира Премиерот, а ги назначува Гувернерот, и остануваат во Сенатот до 75-годишна возраст.

Четири партии се присутни во федералниот парламент: Конзервативната, Либералната, Нова демократија и Блокот од Квебек.

Судската власт е управувана од Врховниот суд, кој има 9 члена назначени од Гувернерот на совет од Премиерот и Министерот за правда. Сите судии на апелациони и врвни нивоа се назначуваат во консултација со невладини правни тела.

Англосаксонското граѓанско право преовладува во сите покраини освен во Квебек, кајшто преовладува францускиот систем. Кривичниот закон е одговорност на федералната власт и е единствен во цела Канада. Спроведувањето на законот, вклучувајќи ги и кривичните судови, е одговорност на покраините, но во руралните области во сите покраини освен во Онтарио и Квебек, го спроведува Кралската Канадска федералната полиција.

Канада и САД ја делат најдолгата небранета граница во светот, соработуваат во воени кампањи и вежби, и се меѓусебни најголеми трговски партнери. И покрај тоа, Канада има независна надворешна политика, особено во односите кон Куба, Кина и Ирак.

Покрај тоа, Канада одржува и традиционални врски со Велика Британија, Франција и со земјите од Комонвелтот и Франкофонијата.

Канада има војска од околу 64 000 професионалци и уште 26 000 резервисти[37].

Територијална организација

Map Canada political-geo
Покраини и територии на Канада.

Конфедерацијата на Канада се состои од 10 покраини и 3 територии. Покраините се одговорни за социјалните програми (како нпр. здравствена заштита, образование, социјална помош и сл., и заедно имаат поголем приход од федералната власт, што е речиси единствен пример во светот. Од своја страна, федералната власт може да иницира национални политики во покраините.

Сите покраини имаат еднодомно законодавно собрание, раководени се од премиер, слично како и на федерално ниво. Секоја покраина има и заменик-гувернер, кој ја претставува кралицата Елизабета II. Заменик-гувернерот се избира на предлог на Премиерот на Канада, во договор со покраинските власти.

Канадските покраини и територии се прикажани во следнава табела:

Покраина Главен град Влез во конфедерацијата
Британска Колумбија Викторија 1871
Алберта Едмонтон 1905
Саскачеван Реџина 1905
Манитоба Винипег 1870
Онтарио Торонто 1867
Квебек Квебек 1867
Њу Бранзвик Фредериктон 1867
Нова Шкотска Халифакс 1867
Островот на Принц Едвард Шарлоттаун 1873
Њуфаундленд и Лабрадор Сент Џон 1949
Територија Главен град Влез во конфедерацијата
Јукон Вајтхорс 1898
Северозападни Територии Јелоунајф 1870
Нунавут Икалуит 1999

Економија

Канада е една од најбогатите држави, со висок доход по глава на жител, членка на ОЕЦД и Г-8. Канада е мешовит пазар[38], пониско рангиран од САД, но повисоко од повеќето западноевропски земји.

Од раните 1990-ти, канадската економија брзо расте со ниска стапка на невработеност и големи државни суфицити на федерално ниво. Денес Канада наликува на САД во пазарно-ориентираниот систем, продуктивност и бизнис. Од октомври 2007, канадската стапка на невработеност е 5,9%, што е најниско ниво во последните 33 години. Покраинските стапки варираат од 3,6% во Алберта, до 14,6% во Њуфаундленд и Лабрадор[39].

Во 20.век, растот на производството, рударството и услужните дејности ја трансформирале земјата од селска економија во главно индустриска и градска. Како и во други развиени економии, канадската економија е доминирана од услужните дејности, кои вработуваат 3/4 од канаѓаните[40]. Сепак, Канада е специфична меѓу развиените земји бидејќи има развиен примарен сектор со експлоатација на дрво, нафта и земен гас како едни од најважните индустрии. Покрај тоа, Канада произведува и извезува големи количества на електрична енергија од хидропотенцијалот во Квебек, Британска Колумбија, Њуфаундленд, Онтарио и Манитоба.

Канада е еден од најголемите производители на земјоделски производи, со прериите како најважен производител на жито, просо и други зрнести култури[41].

Канада е најголем производител на цинк, уран, злато, никел, алуминиум и олово во светот[42]. Речиси сите градови во северниот дел на земјата, кајшто не постои земјоделство, се занимаваат со рударство или со шумарство.

Канада има и значаен производен сектор во јужните делови на Онтарио и Квебек за автомобили, воздухоплови, возови и др.

Канада е високо зависна од меѓународната трговија, особено од трговијата со САД. Договорот за слободна трговија со САД и Мексико овозможил драматичен раст на трговијата и економската интеграција со САД. Од 2001., Канада успешно ги избегнува економските кризи и одржува највисоки просечни економски перформанси во Г-8[43]. Од средината на 1990-тите федералните власти одржуваат стабилни буџетски суфицити и редовно ги отплаќаат националните долгови.

Култура и спорт

Toronto Gay Pride Mounties 2006
Претставници на Кралската Канадска Коњичка Полиција на геј-парадата во Торонто 2006.

Канадската култура во минатото била под влијание од Британците, Французите и домородните народи и традиции. Покрај тоа, таа е под силно влијание на САД. Американските медиуми и забава се популарни, ако не и доминантни во англофонската Канада, обратно, многу канадски забавувачи и културни производи се популарни во САД. [44]

Создавањето и заштитата на посебната канадска култура е поддржано од програмите на федералната влада, законите и институциите како што е Канадската радио корпорација, Националниот одбор за филм на Канада и Канадската комисија за радио и телевизија[45].

Канада е географски огромна и етнички разновидна земја. Постојат културни варијации и разлики од една до друга провинција и од еден до друг регион. Многу канаѓани го респектираат мултикултурализмоти ја гледаат канадската култура како инхерентно мултикултурна.[46].

Канадскиот официјален национален спорт е хокејот на мраз и лакрос[47]. Покрај тоа, канадските екипи учествуваат во фудбалската, кошаркарската и бејзбол лигата на САД.

Канада била домаќин на неколку врвни спортски собири: Летните Олимписки Игри во 1976, Зимските Олимписки Игри во 1988, и Светсткото првенство до 20 години во фудбал во 2007. Канада ќе биде домаќин и на зимската олимпијада во 2010 во Ванкувер.

Македонска емиграција

Првиот поголем бран доселеници од Македонија во Канада пристигнал по Илинденското Востание во 1903. Потоа, и во 1947-49., за време на граѓанската војна во Грција и протерувањето на Македонците, во Канада пребегнале огромен број иселеници.

Се проценува дека денес во Канада има околу 150.000 жители со потекло од Македонија.[48]

Македонците се организирани во црковни општини, од кои најголема е Свети Климент Охридски во Торонто.[49]

Наводи

  1. 1,0 1,1 1,2 Central Intelligence Agency (2006-05-16). „The World Factbook: Canada“. Central Intelligence Agency. конс. 2007-05-06.
  2. „Gini coefficients before and after taxes and transfers: In the late 2000s“. OECD. конс. May 21, 2017.
  3. „OECD Economic Surveys“. OECD. конс. May 21, 2017.
  4. „Table 1: Human Development Index and its components“. UNDP. конс. October 5, 2014.
  5. Statistics Canada (2007-03-13). „2006 Community Profiles“. Statistics Canada. конс. 2007-04-18.
  6. Cinq-Mars, J.. On the significance of modified mammoth bones from eastern Beringia. „The World of Elephants - International Congress, Rome“. http://www.cq.rm.cnr.it/elephants2001/pdf/424_428.pdf. посет. 14 мај 2006 г.
  7. Wright, J.V (2001-09-27). „A History of the Native People of Canada: Early and Middle Archaic Complexes“. Canadian Museum of Civilization Corporation. конс. 2006-05-14.
  8. John Cabot =“. Encyclopædia Britannica Online. Encyclopædia Britannica.
  9. „Cartier, Jacques“. World book Encyclopedia. World Book, Inc.. ISBN 0-7166-0101-X. (посет. 1 септември 2007 г)
  10. Moore, Christopher (1994). The Loyalist: Revolution Exile Settlement. Toronto: McClelland & Stewart. ISBN 0-7710-6093-9.
  11. Farthing, John (1957). Freedom Wears a Crown. Toronto: Kingswood House. ASIN B0007JC4G2.
  12. Stacey, C.P. (1948). History of the Canadian Army in the Second World War. Queen's Printer.
  13. Harold Troper (2000-03). „History of Immigration to Toronto Since the Second World War: From Toronto 'the Good' to Toronto 'the World in a City'. Ontario Institute for Studies in Education. конс. 2006-05-19.
  14. Dickinson, John Alexander; Young, Brian (2003). A Short History of Quebec (3rd edition издание). Montreal: McGill-Queen's University Press. ISBN 0-7735-2450-9.
  15. World Factbook: Area Country Comparison Table
  16. Natural Resources Canada (2006-12-19). „CoastWeb: Facts about Canada's coastline“. Natural Resources Canada. конс. 2007-07-13.
  17. The Atlas of Canada (2004-04-02). „Drainage patterns“. National Resources Canada. конс. 2006-05-18.
  18. Encarta (2006). „Canada“. Microsoft Corporation. конс. 2006-06-12.
  19. The Weather Network. „Statistics, Regina SK“. The Weather Network. конс. 2006-05-18.
  20. The Weather Network. „Statistics: Vancouver Int'l, BC“. The Weather Network. конс. 2006-05-18.
  21. The Weather Network. „Statistics: Toronto Pearson Int'l“. The Weather Network. конс. 2006-05-18.
  22. Environment Canada (2004-02-25). „Canadian Climate Normals or Averages 1971–2000“. Environment Canada. конс. 2006-05-18.
  23. Beauchesne, Eric (2007-03-13). „We are 31,612,897“. National Post. конс. 2007-03-13.
  24. Hillmer, Norman (2005-01-25). „Canada World View - Issue 24“. Foreign Affairs and International Trade Canada. конс. 2006-10-03.
  25. Statistics Canada (2001). „Urban-rural population as a proportion of total population, Canada, provinces, territories and health regions“. Statistics Canada. конс. 2006-10-03.
  26. Ethnic diversity of Canada
  27. Statistics Canada (2005-01-25). „Population by selected ethnic origins, by provinces and territories“. Statistics Canada. конс. 2006-05-14.
  28. Canadian People - Learn About Canada's People
  29. http://www.statcan.ca/Daily/English/071204/d071204a.htm
  30. http://www.statcan.ca/Daily/English/071204/d071204a.htm
  31. Benjamin Dolin and Margaret Young, Law and Government Division (2004-10-31). „Canada's Immigration Program“. Library of Parliament. конс. 2006-11-29.
  32. Annual Immigration by Category, Citizenship and Immigration Canada, URL accessed 2 20 јули,06
  33. Department of Finance (2005-11-14). „Creating Opportunities for All Canadians“. Department of Finance Canada. конс. 2006-05-22.
  34. WorldAtlas.com (2006-02). „Countries of the World (by lowest population density)“. WorldAtlas.com. конс. 2006-05-16.
  35. 35,0 35,1 35,2 Statistics Canada (2005-01-27). „Population by mother tongue, by province and territory“. Statistics Canada. конс. 2006-05-14.
  36. Department of Justice. „Constitution Acts 1867 to 1982“. Department of Justice, Canada. конс. 2006-05-14.
  37. Assistant Deputy Minister (Public Affairs). „The National Defence family“. Department of National Defence. конс. 2006-05-14.
  38. „PBS, commanding heigths, map of the world's economic systems“. конс. 2008-01-31.
  39. Statistics Canada (2006-08-04). „Latest release from Labour Force Survey“. Statistics Canada. конс. 2006-08-04.
  40. „Employment by Industry“. Statistics Canada. 2007-01-04.
  41. The Canadian Encyclopedia (2006). „Agriculture and Food: Export markets“. Historical Foundation of Canada. конс. 2006-05-18.
  42. The Canadian Encyclopedia (2006). „Canadian Mining“. Historica Foundation of Canada. конс. 2006-05-18.
  43. Chretien, Jean (2003-12-04). „Notes for an Address by Prime Minister Jean Chrétien on the Occasion of the Commonwealth Business Forum“. Privy Council Office, Government of Canada. конс. 2006-08-07.
  44. Blackwell, John D. (2005). „Culture High and Low“. International Council for Canadian Studies World Wide Web Service. конс. 2006-03-15.
  45. National Film Board of Canada (2005). „Mandate of the National Film Board“. конс. 2006-03-15.
  46. Bickerton, James & Gagnon, Alain-G & Gagnon, Alain (Eds). (2004). Canadian Politics (4th edition издание). Orchard Park, NY: Broadview Press. ISBN 1-55111-595-6.
  47. „National Sports of Canada Act (1994)“. Consolidated Statutes and Regulations. Department of Justice. конс. 2006-07-20.
  48. Канадско-Македонско историско друштво
  49. Црква Св. Климент Охридски - Торонто
Статијата „Канада“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).
.ca

.ca е главен Интернет домен за Канада. Со доменот управува Канадската управа за интернетска регистрација.

Англиски јазик

Англиски јазик (самонар. English language) — западногермански јазик со потекло од Англија, и мајчин јазик на најголемиот број на луѓе во Австралија, Ирска, Канада, Комонвелтските Кариби, Нов Зеланд, Обединетото Кралство и САД (групно наречени Англосфера). Во голема мера се користи како втор јазик и како службен јазик низ светот, особено во земјите од Комонвелтот како Индија, ЈАР, Пакистан и Шри Ланка и од многу меѓународни организации.

Современиот англиски јазик може да се рече дека е лингва франка. Англискиот е доминантен меѓународен јазик во комуникациите, науката, деловното работење, воздухопловството, медиумите и дипломатијата. Влијанието на Британската империја е главната причина за првичното проширување на јазикот далеку од Британските Острови. По Втората светска војна, растечкото економско и културно влијание на САД значително го има забрзано ова ширење на јазикот.

Познавање на англискиот јазик се бара во работењето на извесни полиња, професии и занимања. Како резултат на ова најмалку една милијарда луѓе зборуваат англиски барем основно. Англискиот е еден од шесте службени јазици на Обединетите Нации.

Артур Мекдоналд

Артур Брус Мекдоналд (англиски: Arthur Bruce McDonald; р. 29 август 1943) — канадски астрофизичар, професор и директор на институтот „Неутринска опсерваторија Садбери“ (SNOLAB). Работи како шеф на катедрата по астрочестична физика на Краличиниот универзитет („Квинс“) во Кингстон, Онтарио.

Во 2015 г. ја добил Нобеловата награда за физика заедно со јапонскиот научник Такаки Каџита.

Википедија на канада јазик

Википедија на канада јазик е издание на Википедија на канада јазик.

Виртуелна меѓународна нормативна податотека

Виртуелна меѓународна нормативна податотека (англиски: Virtual International Authority File, крат. VIAF) — меѓународна нормативна податотека, заеднички проект на неколку национални библиотеки кој го води електронскиот библиотечен центар OCLC. Негови иницијатори се Германската национална библиотека и Конгреснатата библиотека на САД.

Целта на системот е поврзување на националните нормативни податотека (како што е германската Називна нормативна податотека) во една виртуелна нормативна податотека. Така, истоветните записи се спојуваат во единствена евиденција, и секој од нив добива стандарден број, основни записи за алтернативни и застарени називи преземени од изворната евиденција, кои се однесуваат на таа база. Сите овие информации се достапни на интернет за истражување, споделување и размена на податоци. Заемното подновување го користи протоколот OAI.

Германци

Германци (германски: Deutsche) се етничка група што дели иста германска култура, односно чии припадници го зборуваат германскиот како мајчин јазик и имаат германско потекло. Германци исто така се викаат и носителите на германско државјанство.

Најголемиот број Германци живеат во Германија (75 милиони). Од вкупно 100 милиони зборувачи на германскиот јазик во светот, околу 75 милиони се сметаат за Германци. Постојат и други 70 милиони луѓе со германско потекло (главно во САД, Бразил, Аргентина, Казахстан и Канада) чиј мајчин јазик не е германски, но кои сепак се сметаат за етнички Германци, со што вкупниот број на Германци во светот е помеѓу 75 и 160 милиони, во зависност од критериумот (германски како мајчин, целосно германско потекло или делумно германско потекло). Во САД, 15,2% од државјаните се декларираат како германски Американци, според пописот од 2000 година, што е повеќе од сите други етнички групи.

Дански јазик

Данскиот јазик е еден од северните германски јазици (или скандинавски јазици), подгрупа на германската гранка на индоевропските јазици. Го зборуваат околу 6 милиони луѓе, главно во Данска, а го зборуваат и 50.000 Данци во северните делови на Шлезвиг-Холштајн во Германија, кадешто има статус на малцински јазик. Данскиот јазик е исто така официјален јазик и задолжителен училишен предмет во данските територии на Гренланд и Фарските Острови, коишто сега имаат ограничена самостојност. Во Исланд и Фарските Острови, данскиот, покрај англискиот, е задолжителен странски јазик во училиштата. Во Северна и Јужна Америка, постојат данско-јазични заедници во Аргентина, САД и Канада.

Зимски олимписки игри 2010

XXI Зимски олимписки игри се одржаа во Ванкувер, Канада од 12 до 28 февруари 2010 година. Некои натпревари се одржуваат западно од градот, во Ричмонд, а некои северно, во Вислер.

Ова се третите Олимписки игри, а втори Зимски олимписки игри, кои се одржуваат во Канада. Претходно, Канада била домаќин на Летните олимписки игри 1976 во Монтреал и Зимските олимписки игри 1988 во Калгари.

Канадскиот олимписки комитет вети дека Канада ќе освои најголем број на златни медали на игрите во Ванкувер. На претходните Олимписки игри, одржани во Канада, спортистите од оваа земја не освоиле ниту еден медал. Иницијативата за остварување на овој успех беше наречена „Најдобри достигнувања“ (англиски: Own the Podium). Домашните спортисти ги потврдија најавите на комитетот и освоија рекордни 14 златни медали од вкупно 26 освоени.

Канада на Олимписките игри

Канада првпат настапила на Олимписките игри во 1900 година и оттогаш учествувала на сите натпреварувања освен на Летните олимписки игри во 1980 година кога истите ги бојкотирале.

Канада за прв пат на Зимските олимписките игри настапила во 1924 година и оттогаш нема пропуштено ниту едно натпреварување. Спортистите на Олимписките игри имаат освоено вкупно 448 медали.

Квебек

Квебек (фр. Québec) е покраина во Канада. Тој е најголемата покраина во земјата по површина, а втора по големина административна единица по територијата Нунавут. Според населението, Квебек е втора најнаселена покраина, при што најголемиот број од жителите живее покрај или близу до реката Сент Лоренс. Главен град е Квебек. Главнината од населението има француско потекло. Службен јазик е францускиот, а Квебек е единствената канадска покраина каде англискиот не е официјален јазик на покраинско ниво. Во состав на Канада, Квебек влегува во 1867 година.

Филипп Кујар (PLQ)

Онтарио

Онтарио (Англиски/француски: Ontario) е покраина во Канада и економски најразвиена и најнаселена од покраините во земјата.

Површина: 891.190 km²Жители: 11.420.000Главен град: Торонто (англиски/француски: Toronto)

Ричард Едвард Тејлор

Ричард Едвард Тејлор (англиски: Richard Edward Taylor; 2 ноември 1929 во Медисин Хет, Алберта) — добитник на Нобелова награда за физика и професор во пезнија при Стенфорд. Во 1990 година, тој ја поделил Нобеловата награда за физика со Џером Ајзак Фридман и Хенри Веј Кендал „за нивните пионерски истражувања поврзани со нееластичното расејување на електроните од протонитеи сврзаните неутрони, кои се од основна важност за развојот на кварковиот модел во честичната физика.“

Руси

Русите се најбројниот словенски народ кој припаѓа на источнословенската група на народи и јазици. Русите бројат околу 140 000 000 луѓе и главно се населени во Русија (81% од населението), а има големи руски заедници во поранешните републики на СССР, Летонија каде сочинуваат 26% од населението) , Естонија (25% од населението), Казахстан (23% од населението), Украина (17% од населението), Белорусија (8% од населението), а во поново време се забележуваат и големи руски емигрантски заеднци во САД, Австралија и Канада.

Русите говорат на руски јазик кој е најзборуваниот словенски јазик и во огромно мнозинство се православни христијани.

Северна Америка

Северна Америка е третиот најголем континент по површина по Азија и Африка и четвртиот по население. Граничи на север со Северниот Леден Океан, на исток со северниот Атлантски Океан, на југ со Карипско Море, и на запад со северниот Тихи Океан. Има површина од 24,230,000 квадратни километри (9,355,000 квадратни милји). Во 2001 нејзиното население било околу 454,225,000 жители. Може географски да се определели преку одделување на Јужна Америка од суперконтинентот Америка. И Северна и Јужна Америка се наречени така по Америго Веспучи, кој бил прв Европеец кој открил дека Америка не е источна Индија, туку претходно неоткриен Нов свет.

Иако Канада, САД, и Мексико географски се наоѓаат во Северна Америка, во Европа често се смета дека Северна Америка ги вклучува Канада и САД, но не и Мексико или било која од државите на Централна Америка, што може да предизвика конфузија. Во Латинска Америка, Америка се смета за еден континент и затоа Северна Америка е само потконтинент составен од Канада, САД и Мексико.

Северна Америка го зафаќа северниот дел на земјената маса нарекувана Нов свет, Западна Хемисфера или едноставно Америка. Северна Америка се поврзува со Јужна Америка единствено преку Панама и Панамскиот Канал. Според некои, Северна Америка започнува не од Панама, туку од преминот Техуантепек, со меѓурегионот наречен Централна Америка. Меѓутоа, најчесто се смета дека Централна Америка е дел од Северна Америка, бидејќи е премногу мала за да биде посебен континент.

Соединети Американски Држави

Соединети Американски Држави или САД (англиски: United States of America, USA) — федерална уставна република која се состои од педесет држави и еден федерален округ. Државата е сместена претежно во средишниот дел од Северна Америка, а нејзините 48 континентални држави и Вашингтон, се наоѓаат помеѓу Тихиот и Атлантскиот Океан, граничејќи се со Канада на север и Мексико на југ. Федералната држава Алјаска се наоѓа во северозападниот дел на континентот, граничејќи со Канада на исток и Русија на запад преку Беринговиот Проток. Федералната држава Хаваи е архипелаг во средниот Тихи Океан. Соединетите Држави исто така имаат под нивна јурисдикција и неколку територии и островски подрачја во Карибикот и Тихиот Океан.

Торонто

Торонто (официјално, Градот на Торонто) е најголемиот град на Канада и е главен град на Онтарио. Градот се наоѓа на северно-западниот брег на езерото Онтарио. Во Торонто живеаат 2.622.230 жители што го прави градот петти по големина во Северна Америка после Мексико, Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго.

Торонто е главен економски центар на Канада и светски град. Градот е особено развиен во областите на финансии, телекомуникации, транспорт, издавање, забава, развој на софтвер и медицинско истражување. Градот е дом на познатата КН Кула и многу национални и транснационални компании. Торонто е космополитски град и привлекува многу имигранти кои сочинуваат мозаик на култури и етнички групи од насекаде низ светот. Градот има ниска стапка на криминал, чиста средина за живеење и генерално гледано висок стандард за живеење. Според Известувачка Агенција на Економист, градот е еден од најдобрите градови за живеење во светот.Торонто е срцето на областа Торонто, една од урбаните области со највисок раст во Северна Америка. Торонто е исто дел од Златната Потковица - густо населен регион во југоцентрален Онтарио каде живеаат осум милиони луѓе, или отприлика една четвртина од целокупното население на Канада.

Украинци

Украинците се источнословенски народ претежно населен во Украина (кадешто чинат 77,8% од населението). Големи украински заедници има во Русија, Белорусија, Казахстан, САД и Канада.

Украинците зборуваат на украински јазик, којшто припаѓа на источнословенската група на јазици и се во мнозинство православни христијани.

Во минатото, во царска Русија Украинците биле нарекувани Малоруси.

Француски јазик

Француски јазик (самонар. le français, la langue française) — јазик од романската група на јазици. Негова матична земја е Франција, а мајчин јазик е и во Белгија, во Валонија и Брисел, Швајцарија, Луксембург, Монако,Андора, Аостинска Долина (Италија), прекуморските департмани и територии на Франција и Белгија, вклучувајќи го и Квебек во Канада, како и на северозапад на Нов Бранзвик, на североисток од Онтарио и во помали делови на Манитоба, Алберта, Саскачеван и Британска Колумбија.

Од 1970 година постои меѓународна организација за соработка на земјите во кои францускиот е официјален јазик или важен јазик за комуникација и култура ова организација се вика франкофонија.

Францускиот јазик, заедно со англискиот, шпанскиот, кинескиот, арапскиот и рускиот се шесте официјални јазици на Обединетите нации и заедно со англискиот се единствените два светски јазици кои се зборуваат на сите пет континенти со површина поголема од 28 000 000 km², односно 19% од површина на земјата и со повеќе од 650 милиони говорители од кои 250 милиони (6 ранг-листа) мајчин јазик, (4 јазик по бројот на говорители во светот), (после англискиот највлијателен јазик во светот) 400 милиони како втор и странски јазик т.е. 10% од светската популација според Интернационалната организација на франкофонијата 2008.

По англискиот (со 77%), францускиот (со 32%) е најизучуваниот јазик кај децата во Европската Унија, а потоа следи германскиот (18%), шпанскиот (8%) итн.

Хадсонов Залив

Хадсоновиот Залив (англиски: Hudson Bay, инуктитут: Kangiqsualuk ilua, француски: baie d'Hudson) — широка и плитка водна површина длабока во просек околу 128 метри, што ја зафаќа вдлабнатината во големата праисториска карпеста маса наречена Канадски Штит. Голема област на Канада, дури и помали делови на Минесота и Северна Дакота во САД, припаѓаат на сливот на овој залив. Поради големиот прилив на вода, неговата површинска вода е со мала соленотс. Главнот прилив од морска вода доаѓа од северозапад (низ северниот дел на заливот наречен Фоксов Басен), а водата истекува на североисток низ Хадсоновиот Проток кој го поврзува Хадсоновиот Залив со Атлантикот. Источниот брег на заливот е карпест со многу високи стрмни карпи, а наговите други брегови се мочурливи и ниски. Во Хадсоновиот Залив има големо количество растворени хранливи состојки, со што е овозможено брзото растење на планктонот во пролет и лето. Ситните животни со лушпи, кои личат на ракчиња, живеат во отворените водни површини, а многу безрбетници, како мекотелите и црвите, живеат на морското дно. Меѓу другите риби таму живеат и атлантскиот бакалар и гренландската иверка, како и лососот, кој се сели во реките кога се мрести. Бреговите на Заливот се ретко населени, а жители се главно американски Индијанци и Инуити, кои живеат од риболов и лов на морски цицачи.

Покраини
Територии
Држави и територии во Америка
Независни
држави
Зависни и
други територии

На други јазици

This page is based on a Wikipedia article written by authors (here).
Text is available under the CC BY-SA 3.0 license; additional terms may apply.
Images, videos and audio are available under their respective licenses.