Врела точка

Врела точка или жешка точка – вулканска област која се храни со магма директно од плаштот, кој има многу аномално поголем температурен градиент во споредба со температурниот градиент на плаштот на кое било друго подрачје на Земјата. Врелите точки може да се наоѓаат на границите на тектонски плочи, близу нив, а може и воопшто да не се поврзани со овие граници. Постојат две хипотези кои ги објаснуваат врелите точки. Според првата хипотеза врелите точки настануваат заради движењето на топлиот плашт нагоре во облик на термални дијапири директно од границата на Земјиното јадро и плаштот (тоа се т.н. плуми)[1]. Според другата хипотеза причината за вулканизмот не е високиот температурен градиент, туку екстензијата на литосферата, што претставува причина за пасивно издигање на магмата од многу мали длабочини во плаштот [2][3]. Според оваа хипотеза, името „врела точка“ е погрешно, бидејќи авторите сметаат дека плаштот под самата врела точка воопшто не е со аномално висока температура.

Hotspot(geology)-1
Дијаграм кој го покажува профилот на Земјината литосфера (жолто) и магмата кој се издига низ плаштот (црвено)

Развој на теоријата

Partial melting asthenosphere EN
Шематски дијаграм кој ги покажува физичките процеси во Земјата кои доведуваат до формирање магма. Парцијалното стопување почнува над точката на фузија.

Почетоците на концептот на врели точки се наоѓа во трудот на Тузо Вилсон, кој во својот труд од 1963 година тврдел дека Хаваите се резултат на бавно поместување на тектонска плоча над врелото подрачје кое се наоѓа под површината [4]. Подоцна било докажано дека врелите точки се хранат со текови на жешка магма од плаштот, која се движи од границата на јадрото и плаштот во облик на структура која се нарекува плума [5]. Денес меѓу геолозите се водат големи расправи околу тоа дали такви плуми навистина постојат или не [3][6]. Процената за бројот на врели точки кои се хранат од плумите варирале од 20 до неколку илјади и во текот на годините се менувале. Денес геолозите сметаат дека постојат само неколку десетици. Моментално најактивните вулкански подрачја, на кои може да се примени оваа теорија за врели точки се: Хаваи, Реинион, Јелоустоун, Галапагос и Исланд.

Најголемиот број вулкани на врели точки имаат базалтна магма (на пр. Хаваи, Тахити). Резултат на тоа е нивната помала експлозивност отколку во случај на вулкани во зоните на субдукција, кај кои причина за експлозијата е тоа што магмата содржи голема количина волатили. Во случајот на врели точки во континенталните подрачја, базалтната магма се издига низ континенталната кора, при што доаѓа до процес на парцијално стопување и фракциска кристализација на магмата и во тој случај може да се формираат риолити. Ваквата кисела магма може да предизвика многу снажни вулкански избуви. На пример, Јелоустонската Калдера е формирана во текот на еден од најснажните избуви во геолошката историја. Кога цела риолитска магма ќе биде исфрлена може да дојде до ерупција на базалтна магма. Пример на ваква активност е Веригата Илгачуз во Британска Колумбија, која е формирана од серија избуви на трахит и риолит, а после нив ерупции на базалтна лава.

Концептот на врели точки сега е повеќе врзан за хипотезата за плуми во плаштот.

Споредба со вулканите од островските лакови

Вулканите над врелите точки фундаментално се разликуваат од вулканите на островските лакови според начинот на настанување. Вулканите на островските лакови настануваат над субдукциските зони, на приближувачките граници на тектонските плочи. Кога две океански плочи се судираат, едната од нив ќе се подвлече под другата во зоната на длабокоокенскиот ров. Плочата која се субдуцира во зоната на субдукција внесува вода која ја снижува точката на топење во базата на горната плоча. Кога ќе дојде до парцијално стопување и создавање на магма, таа тргнува нагоре и тоа е причина за формирање вулкани во зоните на субдукција како што се на пример Алеутските Острови близу Алјаска.

Наводи

  1. W. J. Morgan (5. 3. 1971. г). Convection Plumes in the Lower Mantle. „Nature“ том  230: 42–43. doi:10.1038/230042a0. http://www.mantleplumes.org/Morgan1971.html.
  2. „Do plumes exist?“.
  3. 3,0 3,1 Foulger, G.R. (2010). Plates vs. Plumes: A Geological Controversy. Wiley-Blackwell. ISBN 978-1-4051-6148-0. http://www.wiley.com/WileyCDA/WileyTitle/productCd-1405161485.html.
  4. Wilson, J. Tuzo. A possible origin of the Hawaiian Islands. „Canadian Journal of Physics“ том  41 (6): 863–870. doi:10.1139/p63-094. http://www.mantleplumes.org/WebDocuments/Wilson1963.pdf.
  5. „Hotspots: Mantle thermal plumes“. United States Geological Survey. 5. 5. 1999.
  6. Wright, Laura (2000-11). „Earth's interior: Raising hot spots“. Geotimes. American Geological Institute.

Литература

Вулкан

Вулканите се отвор или пукнатина во земјината кора низ кои магмата избива на површината како лава. Вообичаено, тие се јавуваат по должината на границите на плочите на кората: повеќето вулкани се наоѓаат во појас наречен Тихоокеански Огнен Прстен, кој се протега по должината на работ на Тихиот Океан. Вулканите може да бидат класифицирани според јачината и честотата на нивните ерупции. Неексплозивните вулкански ерупции, главно, се јавуваат таму каде што плочите на Земјината кора се одвојуваат една од друга. Овие ерупции создаваат многу течна базалтна лава, која брзо се шири низ пространата област и создава релативно рамни конуси. Најаките ерупции создаваат густа лава и можат да исфрлат во вид на експлозии, облаци од прав и пироконгломерати. Лавата тече непосредно пред да се излади и затоа гради конусни вулкани со стрмни страни. Некои вулкани создаваат лава и ерупции од пепел, што градат сложени вулкански конуси. Вулканите што имаат чести ерупции се наречени активни, а тие што имаат ретки ерупции се нарекуваат заспани и тие што прекинале со еруптирање се наречени изгаснати вулкани. Една од поедноставните дефиниции е според каталозите на Глобалната вулканска програма е дека активен вулкан е оној што избувнал од последното ледено доба наваму (т.е. во минатото ~ 10.000 години), заспан (неактивен) вулкан е оној кој не избил во изминатите 10.000 години, но кој се очекува повторно да еруптира а изгасен вулкан е оној од кој не се очекува повторно да еруптира. Честопати е тешко да се утврди кои вулкани се изгасени и кои се неактивни. Причината за ова е дека вулканите можат да поминат децении, стотици години, па дури и стотици илјади години пред да избувнат. Некои вулканолози како неактивни ги класифицираат вулканите кои не избувнале во последните 10.000 години (крајот на последното ледено доба и почетокот на Холоценот). Освен вулканите, во други појави поврзани со вулканските региони се и гејзерите, жешките минерални извори, солфатарите, пукнатините во вулканскиот конус од кои избива само чад и пареа и врелите базени со кал.

Големите ерупции можат да влијаат на температурата, бидејќи пепелта и капките на сулфурна киселина го прикриваат сонцето и ја смируваат пониската атмосфера на Земјата (или тропосферата). Тие исто така ја апсорбираат топлината што зрачи од Земјата, со што се затоплува горната атмосфера (или стратосферата). Историски гледано, вулканските зими предизвикуваат климатски промени со катастрофален глад.

Тахити

Тахити ( Tahiti, /təˈhiːti/; француски изговор: [ta.iti]) претходно познат и како Отахеите е најголемиот остров во групата на Ветерните Острови во Француска Полинезија. Островот се наоѓа во архипелагот Друштвени Острови во централниот Јужен Пацифик и е поделен на два дела: поголемиот, северозападниот дел, Тахити Нуи, и помалиот, југоисточниот дел, Тахити Ити. Островот е формиран од вулканскa активност. Toj е висок и планински остров, опкружен со корални гребени. Има 189,517 жители (попис од 2017), со што тој е најнаселениот остров во Француска Полинезија и брои 68.7% од нејзиното вкупно население.

Тахити е економски, културен и политички центар на Француска Полинезија, прекуморска заедница (понекогаш нарекуван и прекуморска земја) на Франција. Главниот град на Француска Полинезија, Папете, се наоѓа на северозападниот брег на Тахити. Единствениот меѓународен аеродром во регионот, (Меѓународен Аеродром Фа) е на Тахити во близина на Папете.

Тахити првично бил населен од Полинезијци помеѓу 300 и 800 година. Тие претставуваат околу 70% од населението на островот а остатокот се состои од Европејци, Кинези и оние од мешано потекло.

Островот бил дел од Кралството Тахити сè до неговата анексија од страна на Франција во 1880 година, кога бил прогласен за колонија на Франција а неговите жители станале француски граѓани. Францускиот е единствениот официјален јазик, иако тахитскиот јазик широко се зборува.

Хавајски Oстрови

Хавајските Острови се архипелаг од 8 поголеми острови, неколку атоли, и голем број на мали островчиња и подводни планини кои се наоѓаат во северниот дел на Тихиот океан. Целиот архипелаг се протега во должина од 2400 км од Хаваи (островот) на југ, до атолот Куре кој се наоѓа на најсеверниот дел од архипелагот. Порано оваа група на острови од Европејците и Американците била нарекувана Сендвич Острови (англ. Sandwich Islands). Името им било дадено од страна на Џејмс Кук, во чест на Џон Монтагу, четвртиот ерл од Сендвич. Сегашното име на архипелагот Хаваи е име и на најголемиот остров на архипелагот.

Хавајската монархија била соборена во 1893 година од богатите европски и американски доселеници на островите. Била воспоставена република, и покрај спротставувањето на поголемиот дел од хавајскиот народ. Доселениците во 1898 година успешно се договриле со САД за анексија на островите. Хавајските острови се прогласени за најмлада, 50–та држава на САД, и тука спаѓаат скоро сите острови на хавајскиот архипелаг, вклучувајќи ги и ненаселените Северозападни Хавајски Острови, освен Мидвејски Атол кој е неинкорпорирана територија на САД во склоп на Малите оддалечени острови на САД.

Хавајските острови се издигнати врвови на големиот подводен планински венец, кој бил формиран од вулканската активност на врелите точки на обвивката на Земјиното јадро. Островите се оддалечени 3000 км од најблиското копно.

На други јазици

This page is based on a Wikipedia article written by authors (here).
Text is available under the CC BY-SA 3.0 license; additional terms may apply.
Images, videos and audio are available under their respective licenses.