Бронзено време

Бронзено време или бронзенз доба — период на пресвртница, кога човекот станува свесен за улогата и значењето на металот во неговиот живот. Особено тоа се однесува на користењето на бронзата, која е легура на бакар и калај, чиј квалитет од своја страна ќе овозможи и поинтензивен економски живот.

Се разбира, економскиот живот, го определил и правецот на општествениот, политичкиот и духовниот развој на популацијата која го има прифатено новиот тек на развиток во новооткриената технологија. Рапидниот економски прогрес резултирал со појава на првите европски градови, како што се Троја, Крит, Микена, кои се забележани во подоцнежните епохални литературни извори, како и градење на тврдини и владетелски палати. Во тие рамки се манифестирало и самото религиско сфаќање во склоп на архитектурата, сликарството и скулптурата. Веќе припитомениот коњ и користењето на колата, како во земјоделството, така и во воените походи, овозможиле ширење на сообраќајот, трговијата и комуникацијата дури и со географски најоддалечените области.

Бронзениот период е носител и на појавата на првото европско писмо, што се јавило на Крит. Временскиот распон од III и II милениум п.н.е. меѓу народите кои живеат во Егејската област, веќе го носи печатот на културно развиениот европски дух, додека северните земји се уште живеат во претходниот стадиум од развојот на човештвото.

Економскиот развој, кој го координирал и севкупниот развиток на квалитетот на живеење, започнал од Југот-Егеја. Таму се изградиле првите европски центри, додека паралелно со нив, во останатите делови од Европа, се сe развивало постепено, со задоцнување, прекриени од слоевите на претходниот развоен стадиум на заедницата.

Како посебна одлика на секоја култура и период, погребувањето е доказ за постоењето на различните карактеристики меѓу народите. Во бронзенодопскиот период доаѓа до развој на гробови со згрчени покојници, но и до култури на тумули, полиња со урни и рамни некрополи. Носител на сличности за едно исто новопочнато обележје се гледа како меѓу две соседски, така и меѓу две најоддалечени територии.

Трипериоден систем
Холоцен Железно време Протоисторија
Доцно бронзено време  
Средно бронзено време
Младо бронзено време
Бронзено време
Бакарно време (енеолит)    
Младо камено време (неолит) Праисторија
Мезолит / Епипалеолит
Плеистоцен Доцен палеолит  
Среден палеолит
Ран палеолит
Палеолит
Камено време
Bronze age weapons Romania
Разни орудија од бронзеното време.
NAMA Akrotiri 3
Фреска со антилопи од Акротири во Грција.

Македонија во бронзеното време

Керамички садови од бронзено време - Пелинце
Керамички садови од бронзено време пронајдени на наоѓалиштето Градиште кај Пелинце

Почетокот на овој период во Македонија се врзува со стабилизацијата на индовропските групи, со нивното продирање, доселување и мешање со автохтоното население. За целокупниот развој на периодот на територијата на нашата земја, се уште има недостаток од доволно податоци. Единствено со сигурност може да се зборува за фактот, дека овој период на нашето тло се развивал самостојно и започнал порано од северните области.

Оваа територија преставува главен поврзувачки и комуникациски пат меѓу централнобалканскиот регион и Северна Европа со Егеја и континентална Грција, главно преку сливот на реките Морава и Вардар. Важна улога игра и Пелагонија, врзана со Централен Балкан преку долината на Црна Река и Плетварскиот Превој, а преку охридскиот и преспанскиот базен, со долините на Дрим и Девол и јадранскиот брег. Меѓутоа, сигурни хронолошки рамки меѓу енеолитот и почетокот на бронзеното време е тешко да се одредат, како што е тешко да се определи и крајот на периодот општата хронологија за Македонија е добиена по компартивна анализа, направена од W. A. Heurtly за Егејските области. Податоци за почетоците на раното бронзено време (пред и до 1900 г. пр.н.е.) потекнуваат од Пелагонија.

Од овој период на Балканот се издвојува Ерменовската група (Пелагониска) застапена во стратиграфијата на населбите во Карамани, Бакарно Гумно и Црнобуки, каде слоевите со наодите се наоѓаат над енеолитскиот слој. Ерменовската група е распространета во Пелагонија, каде се препознатливи и наоѓалиштата: Ерменово кај Лерин, на крајниот јужен раб од Пелагонија, потоа наоѓалиштето Висок Рид кај селото Букри; наоѓалиштето Тумба кај село Кравари; наоѓалиштето Тумба кај село Барешани; наоѓалиштето Црничани и наоѓалиштето Хераклеја кај Битола. Надвор од Пелагонија, наоди од овој период се познати од наоѓалиштето Црквени Ливади кај селото Враништа близу Струга; од Демир Капија и од Кале во Скопје. Од развиениот (среден) бронзен период (1900-1500 г. пр.н.е.), постојат скудни податоци добиени од наоѓалиштата Тумба кај село Канино и Тумба кај село Радобор во околината на Битола; Прибовце кај селото Лопате (Кумановско); Градина во Демир Капија и други.

Доцниот бронзен период (1500-1200пр.н.е.) досега е најмалку истражен, а основните сознанија се добиваат преку наодите од Варош крај Прилеп. Во ХII век пр.н.е., Балканскиот Полуостров го зафаќаат нови бранови на немири и преселувања, кои со себе го носат и новото време познато како железно време, со што и официјално завршува бронзениот период.

Надворешни врски

Висои (Бело Поле)

Висои — археолошки локалитет во прилепското село Бело Поле. Локалитетот претставува населба од бронзено и доцноантичко време. Се наоѓа на 1,5 км западно од селото, каде што се издига тумба на чија површина се среќаваат фрагменти од керамички садови и орудија од камен и кремен. На околу 100 м јужно се забележуваат остатоци од темели на објекти, а има делови од архитектонска пластика и фрагменти од керамички садови. Најдени се монети од Констанциј II.

Герамидница (Долно Оризари)

Герамидница е археолошки локалитет во битолското село Долно Оризари. Локалитетот претставува населба од бронзено и доцноантичко време. Се наоѓа на 800 m јужно од селото, каде по површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, куќен лепеж и фрагменти од римски тули и покривни ќерамиди. Според исказите на жителите, биле пронајдени повеќе археолошки предмети.

Голема Тумба (Логоварди)

Голема Тумба — археолошки локалитет во битолското село Логоварди. Локалитетот претставува населба од бронзено време. Се наоѓа на источниот крај на селото, помеѓу улиците „Стив Наумов“ и „Кајмакчаланска“, каде со изградбата на селскиот пат тумбата е оштетена на источната страна. И покрај тоа, поради обликот и димензиите, таа изгледа импозантно. По површината се среќаваат фрагменти од керамички садови.

Големо Мраморани (археолошко наоѓалиште)

Големо Мраморани — археолошки локалитет во прилепското историско село Големо Мраморани. Локалитетот претставува населба од бронзено време. Се наоѓа на неколку стотици метри западно од локалитетот Стара Црква, каде околу една огромна карпа со неправилна топчеста форма била сместена населба од бронзениот период.

Китино Кале

Китино Кале — археолошко наоѓалиште во Кичево од типот на утврдена населба од бронзеното и железното време, како и од средниот век.

Кулине (Претор)

Кулине е археолошки локалитет во преспанското село Претор. Локалитетот претставува населба од бронзено, хеленистичко, римско време и среден век. Се наоѓа на 1 km источно од селото на рид со зарамнето плато на кое се наоѓаат фрагменти од керамички садови и друг археолошки материјал од населби со различна временска и културна припадност.

Манастир (Големо Мраморани)

Манастир — археолошко наоѓалиште во прилепското историско село Големо Мраморани. Претставува црква од среден век. Се наоѓа на околу 700 м северно од населбата од бронзено време, каде има остатоци од стар маанстисрки комплекс, како и мнопгу други археолошки остатоци.

Св. Антониј (Бигор Доленци)

Ова е статија за археолошкиот локалитет во Бигор Доленци, за истоимената селска црква видете тукаСв. Антониј е археолошки локалитет во Кичевското село Бигор Доленци. Локалитетот претставува населба од бронзеното време. Се наоѓа во атарот на селото, југоисточно од црквата Св. Антониј, покрај патот Кичево-Македонски Брод, каде по површината на една бигорна тераса се среќаваат фрагменти од керамички садови и орудија од камен и коска.

Св. Недела (Асамати)

Св. Недела — археолошко наоѓалиште во преспанското село Асамати. Претставува населба од бронзено време. Се наоѓа на околу 500 м северно од селото и 100 м јужно од раскрсницата на патот Макази - Претор, на една блага височинка / тумба, која е доста развлечена од интензивните земјоделски работи. Во нивите во 1978-80 година е извршено заштитно археолошко ископување при што се откриени остатоци од куќа, градена од дрвена граѓа и кал, од крајот на бронзеното време. Подвижниот археолошки материјал го претставуваат множество керамички садови за секојдневна употреба, со различни димензии и форми, скромно украсени со вдлабнатини од прсти. Најдени се орудија од коска и камен, како и тегови и прешлени од земја. Неколкуте групи од фрагментирани керамички садови асоцираат на грнчарска работилница. Средниот дел на куќата е уништен со вкопувањето на подоцнежен објект, со ѕидови дебели 1 м сувоѕидица, поставени во правец исток-запад, организирани во облик на буквата П. Функцијата и временската припадност на овој објект не можеле да се определат. Наодите се чуваат во Музејската збирка во Ресен.

Список на археолошки наоѓалишта во Битолско

Ова е список на археолошките наоѓалишта во Битолско, односно на наоѓалиштата кои се наоѓаат на територијата на општините Битола, Новаци и Могила. Можно е списокот да е нецелосен.

Старо Село (Кравари)

Старо Село — археолошки локалитет во битолското село Кравари. Локалитетот претставува населба од неолитско, енеолитско и бронзено време . Се наоѓа на околу 800 m источно од центарот на селото, а лево од современиот пат Битола-Лерин. Има развлечена неправилна кружна основа и височина до 2 m. Во поново време во центарот на тумбата е подигната црквата „Успение на Пресвета Богородица“ со гробиштата околу неа. На источниот крај е пресечена со железничката пруга Битола-Лерин. По површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, а најдени се калап од камен за леење на секири и секира од бакар со едно сечило. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Битола.

Тумба (Барешани)

Тумба — археолошки локалитет во битолското село Барешани. Локалитетот претставува населба од бронзено време. Се наоѓа во центарот на селото на место каде што се издига мала височинка со правилна кружна основа. Тоа е селска утрина, со незначителни оштетувања на одделни места од кои потекнуваат фрагменти од керамички садови од почетните фази на бронзеното време.

Тумба (Долна Чарлија)

Тумба е археолошки локалитет во битолското село Долна Чарлија. Локалитетот претставува населба од бронзено време. Се наоѓа на северната периферија на селото, во рамнината каде се издига висока тумба со пречник од 80 x 90 m, во чија основа спорадично се среќаваат фрагменти од керамички садови.

Тумба (Канино)

Тумба — археолошки локалитет во битолското село Канино. Локалитетот претставува населба од бронзено време. Се наоѓа на околу 2,5 km источно од селото и на околу 500 m од патот Битола-Породин-Драгош во нивите северно од Породин. Претставува височинка издолжена во основата, со димензии од 200 x 160 m и височина од 0,50 во западниот до 3,00 m во источниот дел. Со обработувањето на земјата горните слоеви се оштетени. Во 1972 година Заводот и музеј од Битола извршил заштитно ископување. Во културниот слој дебел 3 m се утврдени неколку фази на живеење од средното бронзено време, проследени со многубројни керамички садови и други археолошки предмети. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Битола.

Тумба (Карамани)

Тумба — археолошки локалитет во битолското село Карамани. Локалитетот претставува населба од неолитско, енеолитско и бронзено време . Се наоѓа на околу 1,5 km источно од селото и на околу 2 km јужно од селото Трн, покрај десниот брег на реката Драгор. Во основата има пречник од околу 250 m и зачувана височина од 6 m. Тумбата е делумно оштетена уште во Првата светска војна со копање на војнички ровови и бункери. Во археолошката литература е позната од 1938 година со рекогносцирањата што ги извршил W. A. Heurtley. По површината на тумбата се среќаваат множество фрагменти од керамички садови и орудија од камен и кремен. Во текот на 1974 година се извршени археолошки ископувања при што е констатирана повеќеслојна стратиграфија со 4 хоризонти на живеење, од кои два неолитски и по еден од енеолитското и ранобронзеното време. Наодите се чуваат во Заводот и музеј во Битола.

Тумба (Меџитлија)

Тумба — археолошки локалитет во битолското село Меџитлија. Локалитетот претставува населба од бронзено време. Се наоѓа во самото село, во непосредната близина на киселата вода, каде се издига импозантна тумба со пречник од околу 80 m и височина од 4,5 до 5 m, на која, во поново време, во централниот дел е подигната џамија. На површината можат да се сретнат фрагменти од керамички садови.

Тумба в Село (Поешево)

Тумба в Село — археолошки локалитет во битолското село Поешево. Локалитетот претставува населба од бронзено време. Се наоѓа во самото село, во непосредната близина на раскрсницата, каде се издига тумба оштетена од сите страни, висока околу 3 метри. На површината се среќаваат фрагменти од керамички садови.

Чука (Кичево)

Чука е археолошки локалитет во Кичево. Локалитетот претставува населба од бронзено време. Се наоѓа на 1 km североисточно од селото, десно од патот за Осломеј. Претставува мала височинка на чија површина се среќаваат фрагменти од бронзеновременска керамика.

Шемоска Тумба

Шемоска Тумба е археолошки локалитет во битолското село Могила. Локалитетот претставува населба од неолитско и бронзено време. Се наоѓа на околу 500 m западно од селото. Има неправилна кружна основа со димензии од 100 x 80 m. На површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, орудија од кремен и камен, како и тегови и куглички за праќа од печена замја.

На други јазици

This page is based on a Wikipedia article written by authors (here).
Text is available under the CC BY-SA 3.0 license; additional terms may apply.
Images, videos and audio are available under their respective licenses.